Пакистан и Авганистан на работ од војна: Причини за долгогодишниот конфликт

Пакистан и Авганистан се на работ од војна поради историски граници, милитантни групи и контролата над ресурсите. Зошто конфликтот трае со децении и какви се последиците.

Миреовните преговори помеѓу Авганистан и Пакистан не успеаја вчера, но прекинот на огнот меѓу двете соседни држави засега останува на сила. Двете земји се во спор веќе децении поради границата, тероризмот и контрола над ресурсите.

Граница која никогаш не била признаена

Коренот на конфликтот е Дурандовата линија – граница помеѓу Пакистан и Авганистан воспоставена во 1893 година со договор меѓу Британското Индијско Царство и Емиратот Авганистан. Линијата, долга 2640 километри, минува низ територии населени со Паџтуни и ја дели племенската заедница која никогаш не ја признала границата.

По поделбата на Британска Индија во 1947 година, Пакистан ја презел границата, но Авганистан никогаш официјално не ја прифатил, што предизвикало долготрајни тензии и повремени судири.

Порозна граница и милитантни групи

Паџтуните живеат од двете страни на границата и често ја преминуваат без контрола, што Пакистан го смета за безбедносен ризик. Двете земји се обвинуваат меѓусебно за давање засолниште на милитантни групи кои напаѓаат од другата страна на границата.

Границата е важна и за трговија со дрога. Авганистан е најголем светски производител на опиум и хероин, а голем дел од трговијата минува низ Пакистан, што дополнително ги влошува односите.

Судири поради лидерот на талибанците

Последниот конфликт избувна откако Пакистан побара екстрадиција на лидерот на групата Техрик-е Талибан, Нур Вали Мехсуд, кого го сомничи за десетици терористички напади. По неуспешните обиди за атентат со воздушни напади врз Кабул, авганистанските талибани возвратија со напади врз пакистанските воени позиции во Куррам и Северен Вазиристан, убивајќи најмалку 58 војници и заземајќи 25 гранични пунктови.

Исламабад потоа ги затвори главните премини, прекинувајќи трговија и движење на цивили.

„Не можеме да живееме помеѓу војна и мир“

Пакистанскиот министер за одбрана, Кхаваја Мухамад Асиф, изјави дека неговата земја нема да толерира состојба „помеѓу војна и мир“.
„Ако ситуацијата не се реши дипломатски, Пакистан нема да се двоуми да преземе неопходни мерки за заштита на својата територијална целост еднократно“, рече Асиф.

Привремениот авганистански премиер Мула Хасан Ахунд возврати дека Авганистан нема да попушти „ни под закана од војна“.
„Логиката дека со бомбардирање Авганистан ќе се доведе во подредена позиција не успеа кај Американците две децении, па нема да успее ни кај Пакистан“, рече Ахунд.

Аналитичари: Отворена војна е малку веројатна

Според Global Firepower индексот, Пакистан е на 12-то место по воена моќ во светот, додека Авганистан е на 118-то место. Пакистанската армија има повеќе од 650.000 активни војници, нуклеарен арсенал и современо оружје, додека талибанската војска располага претежно со лесно вооружување и искуство во герилско војување.

И покрај воената надмоќ, аналитичарите не очекуваат целосна војна. „Судирот помеѓу Пакистан и Авганистан е бесмислен и губиток за двете страни“, рече Абдул Сајед, експерт за џихадизам од Универзитетот Лунд. „Дипломатијата и соработката се единствениот начин да се избегне катастрофа.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни