Министерството за надворешни работи на Пакистан денес го осуди нападот врз Иран, кој го нареди американскиот претседател Доналд Трамп, само еден ден откако Исламабад соопшти дека ќе го номинира Трамп за Нобеловата награда за мир.
Во соопштението на пакистанското министерство се наведува дека Трамп со одлуката да бомбардира ирански нуклеарни објекти го прекршил меѓународното право и дека дипломатијата била единствен начин за решавање на иранската криза, пренесува Ројтерс.
„Невидена ескалација на тензиите и насилството, како последица на тековната агресија против Иран, длабоко загрижува. Секоја понатамошна ескалација ќе има сериозни штетни импликации за регионот и пошироко“, стои во соопштението.
Се додава дека пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф имал телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и му ја пренел пакистанската осуда на американските напади.
Во најголемиот пакистански град, Карачи, илјадници луѓе учествуваа во протестен марш против американските и израелските напади врз Иран, а голема американска знаме со слика на Трамп беше поставена на патот за демонстрантите да можат да газат по неа.
Учесниците во протестот скандираа против Америка, Израел и регионалниот непријател на Пакистан – Индија.
Пакистан вчера соопшти дека го номинира Трамп како „вистински миротворац“ за неговата улога во завршувањето на четиридневниот конфликт со Индија, на крајот на минатиот месец.
Извор: Танјуг