Заедничката истрага на Sky News, Sudan War Monitor и Lighthouse Reports открива брутална судбина на цивилите и војниците што го напуштиле градот во часовите откако високите команданти ја напуштиле пешадиската дивизија.
Повеќе од 60.000 лица сè уште се водат како исчезнати, а хуманитарните организации стравуваат дека преостанатите 200.000 жители на Ал-Фашир се заложници на RSF. Според податоците на Меѓународната организација за миграции (IOM), околу 70.000 луѓе избегале од градот откако RSF го зазел на 26 октомври, но помалку од 10.000 се евидентирани во безбедните зони за раселени. Тимот што ја спровел истрагата анализирал десетици видеа, следејќи групи цивили при излезот од градот.
На едно видео се гледа група мажи, жени и деца; подоцна, на друго видео, двајца мажи од истата група – еден со жолта капуљача и друг со црвен турбан – се прикажани меѓу заробеници под стража на RSF. Снимката покажува дека жените биле пуштени, додека мажите биле издвоени. На трето видео, човекот со црвениот турбан е во редица со други мажи кои се принудени да трчаат додека борците на RSF ги тепаат.
Извор од теренот изјавил дека групата броела околу 2.000 заробеници, од кои само 200 успеале да стигнат до најблиското прибежиште во Тавила, на околу 70 километри. Едно видео е геолокирано пет километри од градот Геурнеја, каде стотици лица биле затворени во училишни згради.
„Ги погубуваа пред нас“
Семејства на лекари заробени во Геурнеја изјавиле за Sky News дека RSF барал откупнина за нивно ослободување. Човек по име Абделхамид, кој преживеал заробеништво со својата сопруга, рекол дека бил држен со 300–400 семејства кои биле ограбени на патот од Ал-Фашир.
„Стигнавме до училиштето и нè фатија. Почнаа да ги одвојуваат луѓето – старите и младите – и ги одведуваа во притвор,“ раскажал тој. „Одбираа луѓе и ги погубуваа пред нас, па ни велеа: ‘Погребете го вашиот брат.’ Луѓето ги покриваа со земја. Со свои очи видов како убија 18 луѓе, а потоа мораше да ги погребаме со голи раце.“
Сателитски снимки од 30 октомври покажуваат насипи од земја што личат на нови гробови во близина на училиштето во Геурнеја. Други биле погубени на полињата околу Ал-Фашир. На едно видео објавено на социјалните мрежи се гледа како возило на RSF брка цивили; борците го запираат ненаоружаниот човек и еден од нив го убива од непосредна близина. Возачот потоа им наредува на останатите: „Убијте ги сите.“
Предавство и хаотично повлекување
Оваа бруталност следела по 18-месечната опсада на RSF, кои го гранатирале и изолирале Ал-Фашир во борбата за контрола врз последниот главен град во регионот Дарфур. Неколку извори потврдиле дека највисоките воени и политички лидери си обезбедиле безбеден премин во конвој од повеќе од 100 возила, напуштајќи го градот пред да падне на 26 октомври.
Врховниот командант на Суданските вооружени сили (SAF), Абдел Фатах Ал Бурхан, изјавил дека повлекувањето било направено за да се избегне поголемо уништување. „Одлуката за повлекување беше едногласна,“ рекол тој за Sky News, додавајќи дека не оставиле војници зад себе. „Оние што останаа, ја извршија својата должност.“
Но, еден војник кој останал во градот ја опишува ситуацијата поинаку: „Командантот на дивизијата го напушти гарнизонот. Не’ оставија сами, и одеднаш бевме опколени. Прашавме што се случува, ни рекоа дека сите побегнале.“
Сведоштвото го потврдува и цивил кој успеал да избега истиот ден: „Немаше никаква координација при повлекувањето. Телата беа насекаде по улиците. RSF влезе во градот и ги закла сите што ги најде. Не правеа разлика меѓу дете, цивил или старец – ги погубија сите, вистински геноцид.“
Судбината на 200.000 луѓе е непозната
Загриженоста расте за околу 200.000 луѓе кои останале во Ал-Фашир, кој е во целосен комуникациски мрак. Висок командант на RSF изјавил дека најмалку 7.000 лица се убиени во првите пет дена од окупацијата, при што борците намерно ги таргетирале цивилите од неарапски племиња.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA) соопшти дека на нивните партнери им е забранет пристап до градот. „Цивилите се заробени внатре, нивната состојба е непозната,“ стои во соопштението.
Портпаролот на RSF, д-р Алаа Нугуд, ги отфрли овие наводи како „целосна бесмислица“ и дел од „лажна медиумска кампања“. „Никогаш не се случило силите на RSF да убиваат цивили врз основа на етничка припадност,“ изјави тој, обвинувајќи ја армијата (SAF) за поттикнување етнички конфликти. Додаде дека RSF евакуирал повеќе од 800.000 цивили од Ал-Фашир и дека за злосторствата е виновно продолжувањето на војната што ја води SAF.
Суданската војна започна во април 2023 година. Се проценува дека досега се убиени околу 150.000 лица, а речиси 12 милиони се раселени. Администрацијата на Бајден во 2024 година го обвини RSF за геноцид во Дарфур – две децении по првите обвинувања против истата група, тогаш позната како Џањавид.
Извор: Index.hr