Втор ден на колапсот на ЈСП, скопјани мораат да се снаоѓаат како да стигнат на работа и на училиште, а од ЈСП и Град Скопје нема глас.
Долгото препукување меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и мнозинството во Советот на Град Скопје предводоено од ВМРО ДПМНЕ, почнува да резултира со распад на долго градениот систем на локална самоуправа кој овозможуваше, какви такви, есенцијални услуги за животот на граѓаните на Скопје.
Затвореноста на Градот остава простор за многу шпекулации и стравови, па станува легитимно прашањето: дали се во слична состојба и останатите градски јавни претпријатија – Водовод и канализација, Комунална хигиена, Улици и патишта…
На скопјани им останува само да се надеваат дека овој хаос наскоро ќе заврши и дека оние кои се одговорни за состојбите во градот – во Советот на Град Скопје и во кабинетот на Арсовска, ќе почнат на прво место да ги ставаат интересите на граѓаните, наместо политичките игри кои го девастираат Скопје.