Сите три главни берзански индекси на Волстрит паднаа, најмногу поради падот на цената на акциите на Intel откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од извршниот директор да поднесе оставка, а инвеститорите беа зафатени и со шпекулации околу неговиот избор за следен претседател на Федералните резерви (Фед).
Dow Jones индексот во четврток падна за 333,27 поени или 0,75%, на 43.859 поени, додека S&P 500 падна за 0,45%, на 6.316 поени, а Nasdaq индексот за 0,24%, на 21.118 поени.
Bloomberg извести дека еден од гувернерите на Фед, Кристофер Валер, е главен кандидат на Трамп за претседател на американската централна банка. Имено, Трамп повеќепати го критикуваше сегашниот претседател Џером Пауел поради одложувањето на намалувањето на каматните стапки и со тоа трошоците за задолжување на САД. Многу инвеститори очекуваат дека Фед ќе ги намали каматните стапки во септември.
Таквите очекувања ги поткрепува и најновиот податок за бројот на барања за надоместок за невработеност, кој покажува дека во изминатата недела во САД без работа останале 226.000 луѓе, или 7.000 повеќе отколку во претходната недела. Ова е најголем број невработени од неделата што заврши на 5 јули и малку повеќе од проценките на економистите.
Intel: Продолжуваме да вложуваме во САД
Производителот на чипови Intel забележа пад на цената на акциите од 3,7%, откако Трамп повика на итна оставка на новиот извршен директор на Intel, Лип-Бу Тан, нарекувајќи го „многу конфликтен“ поради неговите врски со кинески компании. Тан беше именуван за извршен директор на Intel во март, додека компанијата се обидуваше да се опорави од падот на продажбата под раководство на Пат Гелсингер.
Intel во четврток подоцна објави дека компанијата, директорите и Тан „длабоко се посветени на унапредување на националните и економските безбедносни интереси на САД“.
„Продолжуваме да вложуваме милијарди долари во домашни истражувања и развој, како и во производство на полупроводници, вклучувајќи ја нашата нова фабрика во Аризона која ќе користи најнапредна технологија на производствен процес во земјата, и сме единствената компанија што вложува во водечките развојни процесни јазли во САД“, стои во изјавата.