Пад на светските берзи поради стравот од рецесија во САД

Берзите низ Европа и Азија денес започнаа со падови, исплашени од стравовите дека американската економија оди кон рецесија. Во Лондон на отворањето на берзината, клучниот индекс FTSE 100 падна за 2,3 отсто, додека Euronext 100 падна за 3,5 отсто, пренесува Индекс.хр.

Позначаен пад беше забележан во Азија, каде што јапонскиот Nikkei 225 падна за 12,4 отсто, што е најголем пад на тој берзански иденкс во историјата.

Падот на берзите следува по објавите на лошите податоци за вработувањето во САД во петокот, што на сите пазари на капитал предизвика загриженост за најголемата светска економија. Во меѓувреме јенот зајакна во однос на американскиот долар, откако централната јапонска банка минатата недела ги подигна каматните стапки, поради што акциите во Токио станаа поскапи за странските инвеститори.

Во пад се и берзите во Тајван, Јужна Кореја, Индија, Австралија, Хонг Конг и Шангај.

Американската централна банка минатата недела се откажа од намалувањето на каматните сстапки за разлика од другите централни банки, додека големите американски компании како Амазон и Интел известуваат за разочарувачки финансиски резултати.

Официјалните податоци за вработувањето во САД покажуваат дека американските работодавачи во јули отвориле 114 илјади работни места, многу помалку од очекуваното, а стапката на невработеност пораснала.

Шанти Келемен, главната директорка за инвестиции во M&G Wealth, за Би-Би-Си изјави дека се забележуваат знаци за намалување на пазарот.

„Мислам дека тоа ги исплаши луѓето во петокот. Јапонската берза беше затворена во петокот кога тоа се случи, па гледаме како реагира Јапонија на тие работи кои се случија минатата недела“ вели таа.

Меѓутоа, Кеи Окамура, кој работи во инвестициската фирма Neuberger Berman во Токио вели дека во Азија распродажбата е поттикната од наглото зголемување на јенот бидејќи глобалните инвеститори станаа претпазливи за јапонските корпоративни заработки, особено извозниците како што се производителите на автомобили.

Јапонската валута зајакна за повеќе од 10 отсто во однос на американскиот долар во текот на минатиот месец. Појакиот јен ги прави јапонските производи поскапи, а со тоа и помалку привлечни за потенцијалните купци од странство. За разлика од останатите централни банки, јапонската минатата недела ги подигна каматните стапки на највисоко ниво од глобалната финансиска криза во 2008 година.

Инфлацијата во Јапонија порасна повеќе од очекуваното во јуни, додека економијата падна во првите три месеци оваа година поради слабиот јен и ниската потрошувачка на домаќинствата.

Тајванскиот главен берзански индекс и јужнокорејскиот Kospi паднаа за повеќе од 8 отсто. Главниот индиски индекс NSE Nifty 50 падна за 2,8 отсто, а S&P/ASX 200 во Австралија падна за околу 3,6 отсто. Hang Seng во Хонг Конг падна за 2,5 отсто, додека берзата во Шангај падна за 1,4 отсто.

Постои страв дека американската економија ќе успори и покрај најновите податоци кои покажуваат дека растот е 2,8 отсто.

„Можете да изберете докази за создавање на позитивна приказна, можете да изберете и докази за создавање на негативна приказна. Мислам дека се уште универзално не можеме да кажеме дека работите одат во еден правец“ изјави Келемен.

За време на викендот, фирмата на искусниот американски инвеститор и милијардер Ворен Бафет, Bershire Hathaway откри дека продала половина од својот удел во американската технолошка компанија Епл, што од пазарот беше прочитано како лош знак.

Извор: Индекс.хр

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни