Граѓаните ги напуштаат автобусите: бројките покажуваат зошто јавниот превоз тоне

Анализата „Анализа за капацитетите на ЈСП Скопје“, изработена од ЦГК врз основа на официјални извештаи и податоци добиени преку пристап до информации од јавен карактер, покажува дека бројот на патници е преполовен за десет години, додека приходите остануваат речиси исти – комбинација што открива структурен дисбаланс во системот.

Пад на број на патници во десет години

Бројот на патници што годишно се превезуваат со автобусите на ЈСП Скопје е намален за речиси 30 милиони во последната деценија. Во 2015 година јавниот превоз го користеле околу 51,6 милиони патници годишно, додека во 2025 бројката паднала на околу 22 милиони. Овој пад значи дека системот изгубил повеќе од половина од своите корисници.

Намалувањето продолжува и по КОВИД кризата

Намалувањето на патниците не е ограничено само на периодот на ковид-кризата. Иако тогаш се случил значителен пад, трендот продолжил и подоцна. Само во 2024 година бројот на патници е намален за околу 6 милиони, а во 2025 за дополнителни 3 милиони. Ова укажува дека намалувањето е континуиран процес, а не краткорочен ефект.

Приходите на ЈСП остануваат стабилни. Но, како?

И покрај падот на патниците, вкупните годишни приходи на претпријатието во последните десет години во просек изнесуваат околу 29 милиони евра. Структурата на приходите покажува дека околу половина доаѓаат од линиски превоз на патници, додека околу 40 проценти се субвенции. Тоа значи дека значителен дел од функционирањето зависи од јавна финансиска поддршка.

Во периодот од 2015 до 2024 година претпријатието прикажало добивка во седум години, а загуба во три. За 2024 година финансиските извештаи покажуваат добивка од околу 3 милиони евра, но ревизорските податоци укажуваат дека таа не е реално остварена, бидејќи не биле евидентирани како трошок обврските кон приватните превозници. Доколку тие се пресметаат, добивката би изнесувала околу 600.000 евра.

Податоците не нудат толкување, туку факти, но нивната комбинација покажува јасна слика: бројот на патници континуирано опаѓа, приходите остануваат релативно стабилни, значителен дел од нив доаѓа од субвенции, а финансиските резултати зависат од начинот на евидентирање на трошоците. Ова упатува на систем што формално функционира, но со многу намален опсег на користење и со ограничена финансиска самостојност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни