Пад на мал авион во Обединетото Кралство: Загинаа две лица кај Манчестер

Две лица загинаа при пад на мал авион на земјоделско земјиште кај Манчестер. Британските власти отворија истрага за причините за несреќата.

Две лица загинаа утрово при пад на мал авион во близина на Манчестер, соопшти британската полиција. Несреќата се случила нешто по 11 часот по локално време, на земјоделско земјиште во местото Литлборо, во општината Рочдејл, по што на терен веднаш биле испратени бројни екипи на итните служби, пренесува Sky News.

Полицијата од Манчестер потврди дека на местото на несреќата биле пронајдени телата на двајца мажи и дека смртта била констатирана на лице место. Според првичните информации, во авионот немало други патници, а нема ниту пријави за повредени лица на земја.

Главниот надзорник Дени Инглис изјави дека станува збор за голема трагедија и упати сочувство до семејствата и пријателите на загинатите. Тој нагласи дека полицијата во текот на целиот ден тесно соработувала со другите итни служби и надлежни институции со цел да се утврдат сите околности околу несреќата, додавајќи дека истрагата ќе продолжи и во текот на ноќта и наредниот ден.

Полициското присуство во областа ќе биде засилено додека истражителите спроведуваат детален преглед на теренот и обезбедуваат докази. Од полицијата апелираат до сите граѓани кои можеби биле сведоци на падот или располагаат со какви било информации, да стапат во контакт со надлежните служби.

На фотографиите што кружат на социјалните мрежи се забележува жолт падобран делумно обвиткан околу подножјето на столб за струја. Според неофицијални информации, станува збор за авион од типот Cirrus SR20, кој е опремен со падобрански систем за итни ситуации, наменет за спасување на целото летало.

Платформата за следење летови Flightradar24 објави на социјалната мрежа X дека се верува оти станува збор за авион кој полетал од аеродромот во Бирмингем во 9:59 часот. Последниот сигнал бил примeн околу 10:39 часот, јужно од автопатот М62, во близина на Марсден. Засега, сепак, не е официјално потврдено дали станува збор за истиот авион.

Портпарол на аеродромот во Бирмингем потврди дека приватен авион го напуштил нивниот центар за бизнис-летови околу 10 часот во вторникот. Во меѓувреме, Британскиот оддел за истраги на воздухопловни несреќи (AAIB) соопшти дека е отворена истрага и дека мултидисциплинарен тим инспектори е испратен на местото на несреќата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни