Пад на европската солидарност? ЕУ ги скрати квотите за мигранти за 2026

ЕУ земјите се согласија на 21.000 релокации и 420 милиони евра придонеси за 2026 – значително под предлогот на Комисијата, што ќе ја намали помошта за земјите под миграциски притисок.

Земјите на Европската Унија вчера се согласија за „Пулот на солидарност“ за 2026 година, кој вклучува 21.000 релокации на баратели на азил и 420 милиони евра финансиски придонеси. Ова е под нивото предложено од Европската комисија и значи намалена солидарност за Шпанија, Италија, Грција и Кипар, како што претходно објави Euronews.

Според Регулацијата за азил и управување со миграцијата, Комисијата секоја година треба да предложи најмалку 30.000 релокации и 600 милиони евра финансиски придонеси.

Но, министрите за внатрешни работи оцениле дека потребите за 2026 се пониски, бидејќи новиот миграциски циклус ќе се применува од јуни 2026 и ќе покрие само половина година. Одлуката е донесена со „големо мнозинство“, велат извори од ЕУ.

Земјите можат да придонесат преку релокации, финансиски средства или „алтернативни мерки на солидарност“, како обезбедување персонал или поддршка при изградба на приемни центри.

Секоја држава добива квота заснована на население и БДП и може да избере како ќе ја исполни — или со комбинација од различни мерки.

Чешка, Естонија, Хрватска, Австрија и Полска добија делумно или целосно изземање од квотите, како и Бугарија, поради тоа што се сметаат за земји кои се соочуваат со „значајна миграциска ситуација“.

Конкретните ветувања на земјите ќе останат тајни до финалното усвојување на 16 декември. Според извори, повеќето држави избрале да придонесат финансиски.

Помалку солидарност за земјите на „првата линија“

Солидарноста за Шпанија, Италија, Грција и Кипар ќе биде намалена за речиси една третина во однос на оригиналниот план.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка реагираше велејќи дека исходот отстапува од миграцискиот договор од 2023 година и повика ЕУ да го зачува „балансот меѓу солидарност и одговорност“.

„Квотата за солидарност не смее да стане пазарење со бројки“, рече тој.

Сè уште не е решено кои 21.000 мигранти ќе бидат релокирани, ниту колку ќе бидат преземени од секоја од четирите земји под притисок.

Ако земјите не понудат доволно релокации, ќе се активира механизмот „компензација на одговорност“. Тој ги обврзува државите да ги задржат мигрантите кои веќе се на нивна територија, но требало да поднесат азил во првата земја на влез, сè додека не се надомести дефицитот на релокации.

Германија, според Euronews, ќе мора широко да го користи овој механизам.

Според извори, германската влада потпишала меморандум со Грција да не враќа азиланти назад во замена за својата квота за 2026. Сличен договор постои и со Италија.

Нови мерки за депортација и список на „безбедни земји“

Министрите исто така усвоија три нови закони поврзани со миграцијата, кои треба да се договорат со Европскиот парламент.

„Регулацијата за враќање“ има цел да го забрза протерувањето на нерегуларни мигранти и да ја зголеми стапката на присилни враќања, која моментално е околу 20%.

Таа овозможува изградба на центри за враќање во трети земји и депортација во држави кои не се поврзани со земјата на потекло на мигрантот.

Советот, исто така, ја одобри првата листа на „безбедни земји на потекло“, која ги вклучува: Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис, како и сите земји кандидати за ЕУ, освен Украина.

Мигрантите од овие земји и понатаму ќе имаат право да бараат азил, но нивните апликации ќе бидат обработени во забрзана постапка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни