При пад на медицински авион во Аризона загинаа четири лица

Четири лица загинаа во трагична несреќа кога медицински транспортен авион се урна и се запали при обид за слетување на аеродромот во Чинли, на територијата на Навахо на североистокот од Аризона. Несреќата се случила во вторник, околу 12:40 часот по локално време, додека авионот се приближувал кон аеродромот за да преземе пациент за медицински трансфер.

Авионот, модел Beechcraft 300 со два пропелери, бил управуван од компанијата CSI Aviation со седиште во Албукерки, Ново Мексико. Во него се наоѓале двајца пилоти и двајца здравствени работници, сите ангажирани во обезбедување воздушна медицинска помош. За жал, никој од нив не преживеал. Во моментот на несреќата, во авионот немало пациенти.

Според информациите од полицијата на Навахо, oвој медицински авион ја промашил пистата за околу 300 метри и се урнал во близина на аеродромот, по што избувнал пожар. Причините за падот засега не се познати, а истрагата е во тек. Федералната администрација за авијација (FAA) и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) започнаа официјална истрага за да ги утврдат околностите и причините за несреќата.

Претседателот на Навахо, Боу Нигрен, изрази длабоко сочувство до семејствата и колегите на загинатите, нагласувајќи дека тие биле луѓе кои го посветиле својот живот на спасување други. „Нивната загуба е болна за целата наша заедница. Ги почитуваме нивната служба, нивната жртва и љубовта што ја покажаа кон нашите луѓе преку својата работа,“ напиша Нигрен во објава на социјалните мрежи.

Компанијата CSI Aviation соопшти дека целосно соработува со истражните органи и дека ќе обезбеди поддршка за семејствата на жртвите. Аеродромот во Чинли, кој се наоѓа во округот Апачи, моментално е затворен за јавноста поради истрагата, а пристапот е ограничен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни