На Волстрит вторник берзанските индекси завршија претежно во пораст – Dow Jones достигна рекордно ниво, додека Nasdaq забележа пад поради намалување на цените на акциите на Nvidia и уште неколку технолошки компании.
Dow Jones зајакна за 1,18 %, на 47.927 поени, а S&P 500 порасна за 0,21 %, на 6.846 поени.
Наспроти тоа, Nasdaq ослабе за 0,25 %, спуштајќи се на 23.468 поени.
По силниот раст во понеделник, пазарот се смири, па обемот на тргување беше значително помал од просекот.
Во 10 од 11 најважни сектори на индексот S&P 500 цените на акциите пораснаа, најмногу благодарение на подобри од очекуваните квартални резултати на компаниите и банките.
Поддршка од политичкиот фронт
Пазарот дополнително го поддржаа и вестите за напредок во преговорите меѓу републиканците и демократите во американскиот Сенат околу финансирањето на федералните служби.
Се очекува дека најдолгата блокада на владините служби, која трае повеќе од 40 дена, ќе биде завршена оваа недела.
„Очекуваме блокадата наскоро да заврши. Ќе се врати стабилноста и службите повторно ќе ги објавуваат статистичките податоци“, изјави Сем Стоувол, стратег во компанијата CFRA.
Пад на технолошките акции
За разлика од останатите индекси, Nasdaq падна поради силен притисок на технолошкиот сектор.
Цената на акцијата на Nvidia се намали откако јапонската инвестициска група SoftBank продаде дел од својот удел во компанијата за 5,8 милијарди долари.
Паднаа и акциите на неколку други технолошки гиганти, бидејќи инвеститорите изразија загриженост за високите проценки и потенцијалното прегревање на секторот, кој годинава доживеа силен раст.
Од почетокот на годината, Dow Jones порасна речиси 13 %, S&P 500 за 16 %, а Nasdaq дури за 22 %.
