Пад и на европските берзи

По вчерашниот остар пад на Волстрит, утрово паднаа и акциите на европските берзи. Причина за тоа е новиот напад од американскиот претседател Доналд Трамп врз гувернерот на Федералните резерви, Џером Пауел.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски акции, во 9:30 часот беше во пад од 0,5%.

Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,13% и се спушти на 8.265 поени, франкфуртскиот DAX падна за 0,62% на 21.075 поени, а парискиот CAC за 0,56% на 7.245 поени.

Вчерашниот пад на американските берзи беше значителен: Dow Jones падна за 2,5%, S&P 500 за 2,4%, а Nasdaq за 2,55%.

Причина за пазарната нестабилност се изјавите на Трамп, кој го нарече Пауел „Господин Предоцна“ и „голем губитник“, барајќи итно намалување на каматните стапки. Тој дури и најави дека би можел да го смени од функцијата.

Пауел неодамна изјави дека Федералните резерви ќе почекаат со нови одлуки за каматните стапки додека не се добијат нови економски показатели, со оглед на можните ефекти од новите царини врз инфлацијата и растот.

Експертите предупредуваат дека политичкиот притисок врз независноста на централните банки може сериозно да го загрози пазарот и економијата.

„Земјите со независни централни банки бележат побрз економски раст, пониска инфлација и подобар стандард за граѓаните. Политичарите кои се мешаат во нивната работа претставуваат сериозна закана“, вели Џед Елербрук, портфолио менаџер во Argent Capital Management.

Азиските берзи стагнираат

На азиските берзи утрово се тргува претпазливо. Индексот MSCI на азиско-пацифички акции во 9:30 часот беше речиси непроменет.

Јапонскиот Nikkei индекс падна за 0,2%, додека во Австралија и Јужна Кореја исто така се бележат мали падови. Од друга страна, во Шангај и Хонг Конг акциите пораснаа за 0,2% до 0,6%.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни