Озлем Озшајлан: Скопје низ погледот на нови очи

Понекогаш ни треба некој што не пораснал тука, за да нè потсети зошто го сакаме градот во кој живееме.

Озлем Озшајлан – или Ози, е девојка од Турција. Во Скопје доаѓа со своето семејство. Одлуката не била импулсивна: прво нејзиниот брат се преселил поради работа, а потоа целото семејство решило да се пресели и тука да отвори студио за танц. Така, од „привремена идеја“ се родил нов почеток. Во градот се веќе една година. Низ нејзниот инстаграм профил ozitheexpat, таа раскажува една поинаква приказна за Скопје.

На почетокот, таа мислела дека ќе остане година или две. Планот бил јасен – да се проба, па понатаму да се види. Но, како што самата вели, кога го запознала градот, нешто се сменило.

„Најмногу ми се допаѓаат луѓето“, вели Ози.

За неа, Скопје е место каде сите се љубезни, нежни и подготвени да помогнат. Вели дека лесно комуницира со сите, затоа што многумина зборуваат одличен англиски и никогаш немала вистински проблем во разговор. Но уште поважно – според неа, националноста не е пречка за пријателство. Може лесно да станеш близок со било кого. Дури и на улица, меѓу непознати, се чувствува топлина и отвореност.

Во нејзината приказна, храната е дел од чувството на припадност. Традиционалните јадења ѝ се многу вкусни, а бурекот е нејзин фаворит. Тоа можеби звучи едноставно, но токму преку мали секојдневни ритуали (утрински бурек, прошетка, кафе) градот почнува да станува дом.

Нејзиното омилено место е Градскиот парк. Зеленилото, дрвјата, природата – тоа е просторот каде најмногу сака да биде. Во нејзините видеа, Скопје не е бучно и хаотично, туку мирно, зелено, човечно.

Адаптацијата, како што вели, ѝ дошла лесно. Делумно затоа што ја сака културата, а делумно затоа што турската и македонската култура имаат допирни точки. Таа потсетува дека во Турција живеат многу луѓе со корени од Македонија, па културната блискост не ѝ била непозната. Тоа чувство на препознавање ѝ помогнало побрзо да се вклопи.

Но најсилниот момент од нејзината приказна е кога зборува за Скопје како за свој „дом“.

Кога заминува во друга земја или друг град, ѝ недостига Скопје. Сака да се врати. Она што требало да биде привремен престој, денес го гледа како долгорочен живот. „Не сакам воопшто да заминам“, вели таа. Се чувствува како дома. Дури и носталгијата по родниот град повеќе не е толку силна.

Нејзиниот единствен предизвик е јазикот. Иако сите зборуваат англиски, таа сака да зборува македонски. Не затоа што мора – туку затоа што сака да се чувствува дека вистински припаѓа.

Во нејзините објави, таа ги забележува ќошињата што ние често ги прескокнуваме. Градот низ нејзините очи е комбинација од насмевки, зелени површини, традиционална храна и луѓе што без двоумење ќе ти помогнат. Таа не го гледа Скопје низ критика, туку низ благодарност.

Можеби токму тука е поентата.

Често го минуваме секојдневието како да е рутина без боја – во трка, во навика, во тивко незадоволство. Малите убавини ни се провлекуваат покрај погледот, како да се премногу обични за да ги забележиме. А некој што пристигнал од друго место, ги гледа истите улици, истото зеленило, истите насмевки – како причина да остане.

Можеби треба почесто да ги ставаме очилата на другите. Да го погледнеме Скопје низ перспективата на некој што одбрал да го сака. Да научиме повторно да ги цениме истите паркови, истите улици, истите луѓе.

Затоа што понекогаш љубовта кон градот не се раѓа од навика, туку од избор. А Ози го избрала Скопје – како свој дом.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни