Крај на една ера: Ози Озборн почина само неколку недели по прошталниот концерт

Легендата на хеви метал музиката, Ози Озборн, почина утринава, само неколку недели откако последен пат настапи заедно со своите колеги од Black Sabbath на проштален концерт во Вила Парк.

Во соопштение до јавноста, неговото семејство изјави:
„Со тага што не може да се искаже со зборови, мораме да соопштиме дека нашиот сакан Ози Озборн почина утринава. Беше опкружен со семејството и со љубов.“

Концертот што се одржа пред нешто помалку од три недели, беше емотивно збогување со фановите, каде Озборн настапи седејќи на трон.
„Немате поим како се чувствувам – благодарам од дното на срцето,“ им се обрати тој на присутните.

Прошталниот настап беше организиран со поддршка од негови омилени музички имиња, меѓу кои Metallica и Guns N’ Roses, а беше најавен како „последниот поклон“ од 76-годишната рок икона.

Ози Озборн ја започна својата кариера како фронтмен на Black Sabbath, група која ја постави основата на хеви металот, а подоцна постигна огромен успех и како соло артист. Песните како „Iron Man“, „Paranoid“, „War Pigs“, „Crazy Train“ и „Changes“ станаа дел од рок антиката.

Во 2000-тите стекна нова популарност преку реалното шоу „The Osbournes“ на MTV, кое го прикажуваше неговиот несекојдневен семеен живот во Лос Анџелес со сопругата Шерон и нивните деца Кели и Џек.

binary comment

Озборн беше познат и по своето бурно сценско поведение и скандалозни анегдоти, како на пример приказната дека на сцена одгризал глава од лилјак.

Во последните години се бореше со Паркинсонова болест и други здравствени компликации, вклучително и сериозни повреди од пад во 2019 година. И покрај тоа, во 2022 година приреди изненадувачки настап на затворањето на Игрите на Комонвелтот во Бирмингем.

Концертот во Вила Парк го најави неговата сопруга Шерон, истакнувајќи дека Ози е решен на фановите да им подари „совршено проштавање“.

Озборн беше двапати приман во Рокенрол Куќата на славните – како член на Black Sabbath и како соло артист. Освои пет Греми награди од вкупно 12 номинации, доби ѕвезда на Холивудската патека на славните, како и на улицата Broad Street во Бирмингем. Меѓу бројните признанија се и наградата Godlike Genius од NME, како и титулата Living Legend од Classic Rock.

Извор:News.sky

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни