Тим истражувачи од Германија успеа да оживее клетки од алги кои биле закопани на дното на Балтичкото Море повеќе од 7.000 години, без светлина или кислород, објави ISME Journal. Со милениуми, алгите биле заробени под слоеви на седимент, во целосен мрак и без пристап до кислород. Сепак, откако научниците ги ставија во поволни услови, клетките целосно се опоравија. Тие почнаа да произведуваат кислород и да се размножуваат како никогаш да не биле успиени.
Според истражувачкиот тим, тоа е најстариот познат организам од морски седименти кој е успешно вратен од состојба на неактивност, што претставува исклучителен пример во новата научна област позната како „екологија на воскресение“.
„Неверојатно е што оживеаните алги не само што преживеале, туку не ја изгубиле и својата „способност“, т.е. биолошката функционалност“, изјавила раководителката на студијата, Сара Болиус од Истражувачкиот институт за Балтичко Море во Лајбниц.
Многу видови во природата, со влегување во состојба на мирување, како што е хибернацијата кај цицачите, успеваат да преживеат тешки услови со забавување на нивниот метаболизам и користење на претходно складираната енергија. Сепак, во Балтичкото Море постојат многу специфични услови што им овозможуваат на некои видови алги да преживеат во мирување многу подолго од вообичаеното. Откако нивните клетки ќе потонат на морското дно, тие полека се покриваат со седимент, што дополнително ги штити од светлина и распаѓање.
Најновите примероци се земени од длабочина од речиси 240 метри, во област позната како Готланд Ист Дип, каде што условите се аноксични, речиси без кислород, што спречува биолошко распаѓање. Во комбинација со целосен мрак, ова создава совршена средина за зачувување на алгите со милениуми.

Оживеани клетки можат да откријат какво било морето пред 7.000 години
Научниците успеале да ги реактивираат алгите од девет различни примероци, а најстариот бил датиран од 6871 година, со можна грешка од 140 години. Прецизноста на датирањето овозможи јасна стратификација на седиментот, објасни Болиусова.
„Ваквите седименти функционираат како временски капсули што содржат вредни информации за поранешните екосистеми, нивниот биодиверзитет, промените во популацијата и генетскиот развој“, рече таа.
Болиус верува дека со проучување на овие организми, научниците ќе можат да дознаат повеќе за условите во кои тие првично живееле, како што се соленоста на водата, температурата и нивото на кислород.
„Фактот што успеавме да реактивираме толку стари алги е само првиот чекор кон развој на „алатка за воскреснување“ во Балтичкото Море. Сега можеме да спроведуваме лабораториски експерименти што нè враќаат низ времето во различни фази од развојот на Балтичкото Море“, изјави таа.