Оземпик под лупа на регулаторите, се поврзува со ретка очна болест опасна по видот

Данските здравствени власти во понеделникот соопштија дека ќе побараат од регулаторот за лекови на Европската унија да ги прегледа наодите од две дански студии кои го поврзуваат популарниот лек за дијабетес на Ново Нордиск, Оземпик со ретка очна состојба опасна по видот.

Двете студии спроведени од Универзитетот во Јужна Данска (SDU) покажаа дека Оземпик повеќе од двојно го зголемува ризикот од NAION, или неартеритична предна исхемична оптичка невропатија, кај пациенти со дијабетес тип 2.

Наодите би можеле да ја надополнат загриженоста што ја покрена американска студија објавена претходно оваа година.

Данската агенција за лекови побара од Европскиот комитет за проценка на ризикот за фармаковигиланца (PRAC) да ги разгледа наодите.

Ново Нордиск во соопштението вели: „По темелна евалуација на студиите и внатрешната проценка на безбедноста на Ново Нордиск, Ново Нордиск е на мислење дека профилот на корист-ризик на семаглутид останува непроменет“. Се додава дека безбедноста на пациентите е врвен приоритет.

Бројот на случаи на NAION во Данска се зголеми откако Оземпик беше воведен на данскиот пазар во 2018 година, според Јакоб Грауслунд, професор по очни болести на СДУ.

„Според нашата студија, бројот на заболени е за среќа помал отколку што покажува американската студија, но сепак има двојно зголемување на бројот на случаи на NAION кај оние луѓе кои земаат Оземпик“, рече Грауслунд.

Научниците проценуваат дека може да има меѓу 1,5 и 2,5 дополнителни случаи на 10.000 лекувани лица за една година.

Данските студии ги разгледаа можните несакани ефекти на активната состојка семаглутид, која се наоѓа во Оземпик и припаѓа на класата на лекови познати како агонисти на рецепторот GLP-1.

NAION е неповратно заболување кое се развива поради недоволен проток на крв во оптичкиот нерв и може да предизвика ненадејно безболно губење на видот и дефекти на видното поле.

Првата данска студија беше заснована на резултатите од 424.000 дијабетичари тип 2, каде што една четвртина беше третирана со Оземпик, а остатокот со други лекови за дијабетес.

Втората данска студија опфати податоци од 44.517 дански пациенти со дијабетес кои примале Оземпик помеѓу 2018 и 2024 година и 16.860 Норвежани кои биле лекувани со Оземпик помеѓу 2018 и 2022 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни