Глобалното богатство на милијардерите во 2025 година достигна историски максимум, растејќи трипати побрзо од претходните години, предупредува Oxfam во својот најнов извештај за глобалната нееднаквост. Документот е објавен во пресрет на почетокот на Светски економски форум во Давос и укажува на сè подлабокиот јаз меѓу екстремното богатство и глобалната сиромаштија.
Според извештајот, вкупното богатство на светските милијардери во текот на минатата година пораснало на 18,3 билиони долари, продолжувајќи тренд што трае од 2020 година. Истовремено, секоја четврта личност во светот се соочува со несигурен пристап до храна, а речиси половина од светската популација живее под линијата на сиромаштија.
Oxfam наведува дека 2,5 билиони долари, колку што е зголемено богатството на милијардерите во 2025 година, е приближно еднакво на вкупната имотна состојба на најсиромашните 4,1 милијарда луѓе. Бројот на милијардери во светот за првпат ја надмина границата од 3000, а Илон Маск стана првата личност со проценето лично богатство над 500 милијарди долари.
Покрај економската, извештајот посочува и драматична концентрација на политичка моќ. Анализата покажува дека 74 од 2027 милијардери во светот во 2023 година извршувале извршни или законодавни функции, што значи дека имаат 4000 пати поголема веројатност да бидат на политичка позиција во споредба со просечен граѓанин.
„Овој извештај јасно ја открива врската меѓу економската и политичката нееднаквост. Ултрабогатите не само што акумулираат капитал, туку и директно влијаат врз донесувањето одлуки“, изјави Ребека Ридел, висока советничка за економска правда во Oxfam Америка.
Како фактори за наглиот раст на богатството, Oxfam ги посочува даночните олеснувања, слабеењето на антимонополските политики и експанзијата на индустриите поврзани со вештачката интелигенција. Дел од овој тренд се поврзува и со економските политики на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кои, според извештајот, дополнително ја заштитиле корпоративната и финансиската елита.
Организацијата предупредува и на растечкото влијание на милијардерите врз медиумите. Според Oxfam, ултрабогатите денес контролираат повеќе од половина од најголемите светски медиумски компании, што, како што наведуваат, сериозно ја загрозува демократската рамнотежа и јавниот интерес.
„Продлабочувањето на јазот меѓу богатите и остатокот од општеството создава опасен политички дефицит. Владите сè почесто носат одлуки во корист на елитите, на штета на јавните услуги, социјалната сигурност и граѓанските слободи“, изјави извршниот директор на Oxfam, Амитаб Бехар.
Како одговор, Oxfam повикува на воведување повисоки даноци за екстремното богатство, ограничување на политичкото лобирање, јакнење на работничките права и инвестиции во универзални јавни услуги. Според организацијата, справувањето со нееднаквоста не е само економско, туку и демократско прашање.