Островот Суртсеј се појавил од морето во 1963 година по вулканска ерупција. Денес е затворен за туристи и служи како единствена природна лабораторија.
Од гејзери што исфрлаат врела вода во небото до глечери што со векови го обликуваат пејзажот, Исланд е земја каде што природата постојано ја демонстрира својата моќ. Оганот и мразот се испреплетуваат секојдневно, создавајќи сцени што изгледаат како да се надвор од овој свет. Но, можеби најневеројатниот пример за моќта на природата лежи на мал остров што буквално се „родил“ пред нашите очи пред шеесет години.
Островот се вика Суртсеј, а е формиран во ноември 1963 година кога еруптирал подводен вулкан јужно од исландското копно. Ерупцијата траела речиси четири години, а од морето полека се појавила нова копнена маса, именувана по огнениот џин Суртур од нордиската митологија. Во тој момент, на светот му била дадена ретка можност да го набљудува создавањето на еден остров! Тоа е процес што нормално се одвива далеку од човечките очи и честопати трае со милениуми.
Она што го прави Суртсеј особено интригантен е тоа што не е само „нов остров“, туку жив потсетник за тоа колку е динамична нашата планета. Додека поголемиот дел од копното што го знаеме постои милиони години, тука, пред очите на една генерација се формирала сосема нова почва. Тој момент им дал на научниците можност каква што имаат само геолозите кога го проучуваат античкото минато: да бидат сведоци на создавањето на светот во реално време.
Дом на десетици растителни видови
Од првиот ден, Суртсеј е посебен. Исландските власти одлучија целосно да го затворат за посетители, што го прави едно од најнепристапните места на Земјата. Само научници со посебна дозвола имаат право да го посетат, сè со цел да се зачува како природна лабораторија. Ослободен од човечко влијание, островот нуди единствена можност да се набљудува како животот полека ја освојува безживотната почва.
Првите бактерии, алги и мов се појавија во рок од неколку години од ерупцијата. Потоа дојдоа птиците преселници, кои го пронајдоа островот како идеално место за гнездење. Нивниот измет ја збогати почвата со хранливи материи, а првите цветни растенија наскоро се раширија. Денес, шест децении по неговото создавање, Суртсеј е дом на повеќе од 70 растителни видови, додека птиците, фоките и другите организми го користат како безбедно засолниште.
Благодарение на таквата уникатност, Суртсej стана место за кое се пишуваат научни трудови и книги, но и извор на инспирација за оние кои никогаш нема да стапнат таму. Многумина го нарекуваат „остров на иднината“, бидејќи покажува како животот секогаш наоѓа пат, дури и на места каде што изгледа невозможно.
Поради неговата исклучителна вредност и уникатност, УНЕСКО го вклучи Суртсеј на списокот на светското наследство во 2008 година, официјално потврдувајќи го островот како природно чудо од глобално значење.