Овој нов ноќен воз ветува патување до 100 европски градови по цена пониска од авионски билет

Nox, стартап од Берлин, вели дека нивната мисија е да понудат вистинска алтернатива на кратките авионски летови во Европа.

Ноќните возови доживуваат вистинска ренесанса во Европа, но некои патници сè уште се воздржуваат поради идејата да спијат во кабина со непознати луѓе. Иако многу ноќни линии нудат кабини со еден или два кревета, тие обично се скапи и брзо се распродаваат.

Сега, нова компанија лансира ноќни возови со целосно приватни соби – и ветуваат дека билетите нема да бидат поскапи од авионски лет.

Nox, стартап со седиште во Берлин, вели дека нивната мисија е да понудат вистинска алтернатива на кратките летови во Европа. Од 2027 година, компанијата планира да започне со прекуноќни возови низ Европа со кабини наменети за еден или двајца патници.

„Спиењето додека возот ве пренесува низ Европа е одлична идеја. Но денес, луѓето мора да делат кабини со непознати, креветите се тесни, а често е поскапо од авион,“ вели Тибо Констан, коосновач на Nox.

„Ние сакаме да го промениме тоа и да направиме ноќните возови суштински дел од патувањето во Европа.“

Екстра-долги кревети и панорамски прозорци

Констан, кој е познат како Simply Railway кај своите повеќе од половина милион следбеници на социјалните мрежи, има повеќе од 400 ноќни патувања со воз низ светот.

Тој вели дека ова искуство одиграло клучна улога во дизајнот на новите кабини.

Ќе има три категории соби:

  • Single Loft – за еден патник, со горен кревет, седиште и масичка
  • Double Loft – со двоен горен кревет, две седишта и масичка
  • Double Vista – со кревети лесни за пристап, долниот се претвора во седиште

Сите категории ќе имаат кревети долги 2 метри, простор за стоење и складирање багаж, а некои кабини ќе имаат панорамски прозорци.

„Цени на билети како авионски летови“

Јанек Смалла, коосновач на Nox, вели дека дизајнот на собите им овозможува да сместат повеќе патници од традиционалните оператори.

„Ова, заедно со стандардизирано работење и ефикасност, ќе ни овозможи прифатливи цени на повеќе од 35 европски рути,“ додава тој.

Целта е да се воспостават ноќни возови меѓу 100 европски градови до 2035 година, вклучувајќи Париз, Барселона, Амстердам, Копенхаген, Варшава, Будимпешта и Рим.

Компанијата сака да стане вистинска алтернатива на кратките летови, нудејќи „цени колку авионските билети“.

Заинтересираните патници веќе можат да разгледаат планираниот возен ред и цени на веб-страницата на Nox. Сингл-собите ќе стартуваат од 79 евра, а дДвојните соби од 149 евра.

Во возовите ќе има услуга со храна и пијалаци, простор за велосипеди, како и кола прилагодени за инвалидизирани патници.

Патниците можат да се приклучат на бесплатниот Early Bird Club за да добијат новости, попусти и рана можност за резервација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни