Познатиот светски гастрономски водич Taste Atlas ја објави својата годишна листа на најдобрите кујни во светот. Сите кујни се рангирани според гласовите на публиката, а се оценувани врз основа на состојките, специјалитетите и пијалоците кои се неизоставен дел од гастрономијата. Освен тоа, водичот ги истакнува и градовите каде што најдобро се јаде, а изминатата година беше во знакот на пицата.
Добар дел од светските патници тргнуваат на патувања за да ги истражат локалните обичаи, културата, но и храната. Ако вашето патување е инспирирано од појадок, ручек или вечера, со многу застанувања за меѓуоброци помеѓу, Taste Atlas има листа што содржи градови што мора да ги посетите.
Оваа година, Taste Atlas објави, освен најдобрите кујни и храна, и листа со 100 градови со најдобра храна во светот. На листата, очекувано, меѓу првите десет се најдоа дури шест италијански градови. Италијанскиот регион Кампанија е прогласен за регион со најдобра храна, а градот со најдобра храна во светот е Неапол.
Неапол доби речиси совршена оцена, дури 4,93 од можни 5. Од специјалитетите, Неапол е познат по автентичната пица „Наполитана“, „Маргарита“ и „Маринара“, кои можете да ги пробате во познатите пицерии како што се „L’Antica Pizzeria da Michele“ или „Sorbillo“.
Уличната храна, како што се пржените топчиња од тестенини, „Frittatine di Pasta“, и свежата „Mozzarella di Bufala“, се незаменливи деликатеси. За љубителите на десерти, тука се „Sfogliatella“, крцкав колач полнет со крем од рикота и лимон, и „Baba al Rum“, десерт натопен со рум. Освен тоа, тука е и традиционалната чорба од школки, „Zuppa di Cozze“, која ја одразува морската традиција на Неапол.
Целата листа можете да ја најдете на официјалната веб-страница, а првите десет градови со најдобра храна се:
- Неапол
- Милано
- Болоња
- Фиренца
- Мумбаи
- Рим
- Париз
- Виена
- Торино
- Осака