Одењето, трчањето и другите аеробни активности се сметаат за најважни вежби за здравјето на мозокот, но студиите покажуваат дека тренингот за сила може да го забави стареењето на мозокот и да го зачува волуменот на мозочните структури.
Сè повеќе истражувања се објавуваат во научната база на податоци PubMed кои покажуваат дека тренингот за сила (кревање тегови) има корист не само за телото, туку и за нашиот мозок.
Го штити хипокампусот: Неколку студии покажаа дека луѓето кои редовно вежбаат за сила имаат поголем волумен на хипокампусот, дел од мозокот кој е клучен за меморијата и учењето. Ова значи дека кревањето тегови може да заштити од губење на меморијата.
- Подобрена когнитивна функција
Кај постарите возрасни лица кои правеле тренинг за сила подолг временски период, се покажало дека имаат побавен когнитивен пад, па дури и подобрено внимание и меморија.
- Структурни промени во мозокот
Истражувањата покажуваат дека тренингот за сила може позитивно да влијае на структурниот интегритет на мозокот и да ја подобри поврзаноста помеѓу мозочните клетки, особено во областите важни за меморијата и когнитивната функција.
- Комбинација со ментални вежби
Кога тренингот за сила се комбинира со когнитивен тренинг (на пример, решавање проблеми или учење), ефектот врз мозокот може да биде уште поизразен – мозокот е дополнително стимулиран да расте и да ги зајакне врските меѓу невроните.
Како функционира?
Научниците веруваат дека тренингот за сила го стимулира ослободувањето на супстанции во телото кои го штитат и негуваат мозокот, како што се BDNF (фактор на раст на мозокот) и IGF-1 (фактор на раст сличен на инсулин).
Покрај тоа, вежбањето ја подобрува циркулацијата на крвта, па мозокот прима повеќе кислород и хранливи материи, посилните мускули значат подобра рамнотежа и помалку падови, што дополнително го намалува ризикот од оштетување на мозокот, а чувството на сила и самодоверба исто така може позитивно да влијае на менталното здравје, намалувајќи го ризикот од депресија и анксиозност.
Зошто е ова важно?
Мозокот природно старее – го губи обемот и силата на своите невронски врски како што старееме. Ова може да доведе до проблеми со меморијата, учењето и донесувањето одлуки. Но, истражувањето од PubMed јасно покажува дека редовните тренинзи за сила можат да го забават овој процес и да ни помогнат да останеме ментално остри, независни и активни подолго време.
Значи, кревањето тегови не е резервирано само за спортисти или млади. Дури и умерениот, прилагоден тренинг за сила може да биде моќно оружје против стареењето на мозокот.