Овој град е свежо зелен
Овој град е светло сив
Овој град е полумртов
Овој град е скоро жив
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со телефон во рака снима онлајн шоу за криминалното работење на градоначалникот на Чаир и изградени 150 згради – дивоградби кои според неа ги легализира со фалсификувани документи.
„Вечерва си ковал план лопову криминален да собираш пак ѓубре и да правиш герила да го истураш пред град Скопје… Никој не ти се плаши, заедно со ѓубрето што планираш да го носиш ќе те исчистиме и тебе!!!“ – изјавува градоначалничката на македонската метропола на Фејсбук.
„Криминалчуго, со фалсификат документи легализираш згради во Чаир, те чекам да се јавиш на главна каса!“ Арсовска му упати куртоазна покана на колегата од Чаир.
Висар Ганиу, градоначалникот на Чаир, ја собира верната дружина и едно камионче со шут и го истура пред бараките на Град Скопје. Изјавува дека акциите на Арсовска го потсетуваат на времето кога Чаир бил гето, а Чаирчани – граѓани од втор ред.
Градоначалникот на Чаир вели дека отпадот во општината не се собира од страна на Град Скопје, иако жителите на Чаир се даночни обврзници.
Овој град е врашки врел
И сјае од далечина
Second hand крстови
И половина месечина

Сега е почетокот на јуни, 2025 година.
Европските метрополи го оставаат зад себе проблемот со загадувањето, ги зазеленуваат јавните простори, ја зголемуваат мобилноста на нивните жители и ги усовршуваат јавниот превоз, комуналните услуги и санитарната инфраструктура. Масовно се воведуваат електронски „смарт“ решенија за најгорливите проблеми особено во сообраќајот.
Во Скопје се прават повеќекатници дивоградби. Во Скопје растат купови отпад. Повеќе од половина домаќинства во градот се греат на дрва, пластика, јаглен, стари патики, стар паркет… Јавниот превоз е во распад. Бездомни кучиња ги рекетираат туристичките водичи и групите туристи кои го разгледуваат градот. Турбо фолкери прават аудиција во МКЦ. Градот нема културен живот.
Овие улици, кретени, луди эгради, луѓе
1-2-3 се мои
Запамти те молам овој град ни треба
Во десет илјади бои

Македонската политика го гледа Скопје како крупен плен кој треба да биде освоен, анестетизиран и експлоатиран. Буџет кој треба да се троши, градежни дозволи кои чекаат да бидат издадени, собран данок и фирмарина, тендери и илјадници вработувања во јавни претпријатија и платформа за политичка пропаганда во јавниот простор.

Се чини дека Скопје е тука само за да може рачињата да се брцнат во медот. Да се краде јавното, заедничкото, државното без да се обрати и најмалку внимание колку непоправлива штета се прави врз животите на луѓето и општеството воопшто.
Македонската политика го гледа Скопје како дупка во асфалтот која никогаш не треба да се затвори и израмни, туку секогаш да се одржува отворена како позиција за бесмислено трошење пари и одржување на статус квото – град во обид.
Доаѓа октомври и во него локалните избори. Ќе бираме иднина за градот. Како и секојпат, ова ќе бидат историски избори и големи се шансите повторно да направиме историска грешка. Очигледно во мода се локални шерифи и циркузанти кои ќе ни прават вирални видеа и ќе ја одржуваат отворена дупката во асфалтот.
До следната епизода од двобојот меѓу Арсовска и Ганиу, можеме само да претпоставуваме што ќе се случува во оваа теле-новела. И онака главниот заплет ќе остане скриен за нас, македонската политика и на нас гледа како на декор покрај дупката во асфлатот.
Стиховите се од песната „Ние сме од Скопје“ дел од албумот Пријателски оган, издаден во 2020 година.