Основачот на Google Brain, Ендру Нг, се придружи на голем број врвни истражувачи на вештачка интелигенција кои тврдат дека, со оглед на состојбата на технологијата, стравовите од општата вештачка интелигенција се претерани.
Според основачот на Google Brain, Ендру Нг, општата вештачката интелигенција е преценета.
„Долго време луѓето ќе работат многу работи што вештачката интелигенција не ќе може“, рече тој во говорот на Y Combinator.
Општата вештачка интелигенција е термин што ја опишува фазата каде што системите за вештачка интелигенција поседуваат когнитивни способности на човечко ниво и можат да извршуваат и применуваат знаење исто како луѓето.
Нг, кој раководи со неколку компании фокусирани на вештачка интелигенција, ја даде таа проценка кога беше запрашан дали смета дека е поважно луѓето да развиваат алатки за вештачка интелигенција или да научат како подобро да ги користат.
„Некои од нас понекогаш ќе градат алатки, но има многу други алатки што другите ќе ги градат, а ние едноставно можеме да ги користиме. Луѓето што знаат како да ја користат вештачката интелигенција за да ги натераат компјутерите да прават што сакаат, ќе бидат многу помоќни“, рече Нг, како што објави Business Insider.
Притоа, Нг се придружува на голем број врвни истражувачи на вештачка интелигенција кои тврдат дека, со оглед на состојбата на технологијата, стравовите од општата вештачка интелигенција се претерани.
Јан Лекун, главен научник за вештачка интелигенција во Meta Platforms, рече дека големите јазични модели се неверојатни, но ограничени.
„Тие не се пат кон она што луѓето го нарекуваат општа вештачка интелигенција. Тие се корисни, без сомнение. Но, тие не се пат кон интелигенција на човечко ниво“, рече тој.
Шефот на Google DeepMind, Демис Хасабис, верува дека општата вештачка интелигенција во моментов е преценета, но тоа би можело драстично да се промени во следните десет години.
Извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, го нарече притисокот за општа вештачка интелигенција „хакирање на репер“.
Терминот се однесува на ситуација каде што истражувачите и лабораториите за вештачка интелигенција дизајнираат модели на вештачка интелигенција за да работат добро на индустриските репери, наместо во реалниот живот, во трка да станат модели со најдобри перформанси.