Градови и општини од Холандија, Финска, Португалија, Шпанија, Италија и Полска се овогодинешните добитници на наградата „Европски престолнини на инклузија и различност“, што ја доделува Европската комисија како дел од иницијативата за создавање Унија на еднаквост.
Церемонијата на доделување на наградите се одржа во Брисел, со што официјално започна Европскиот месец на различностите во 2025 година. Четврта година по ред, оваа престижна награда им оддава признание на локалните власти кои ја водат борбата против дискриминацијата и промовираат инклузивни политики во областа на полот, етничката припадност и расата, религијата, попреченоста, возраста и сексуалната ориентација.
Категорија: локални самоуправи со повеќе од 50.000 жители
Златната награда му припадна на Утрехт (Холандија), кој се истакна по својот сеопфатен пристап кон вклучување, вкоренет во сите градски служби, со силна институционална и финансиска поддршка. Сребрената награда му припадна на Билбао (Шпанија), благодарение на иницијативите кои ги поврзуваат вработувањето, образованието, безбедноста, спортот и младинската работа, со силна вредносна рамка. Бронзената награда ја доби Краков (Полска) за поддршка на различни општествени групи во областа на здравството, образованието, културата и јавниот простор.
Категорија: локални самоуправи со помалку од 50.000 жители
Златната награда отиде во рацете на Марихамн (Финска), која се истакна по својот меѓусекциски пристап во работата со вработените во општинските структури, образовните институции и интеграцијата на новите жители. Сребрената награда ја доби Усурбил (Шпанија) за неговата јасна стратегија која се фокусира на родовата еднаквост, интеграцијата на мигрантите и споделувањето на одговорностите во грижата. Бронзената награда му беше доделена на Сетимо Торинезе (Италија), за иновативни пристапи преку партиципативно буџетирање, јавни форуми, вклученост на заедницата и соработка со сектори како што се бизнисот, полицијата и образованието.

Специјална награда за инклузивно домување
Златната награда ја доби Брага (Португалија), за сеопфатна стратегија за поддршка на стари лица, лица со посебни потреби, самохрани родители, Роми, мигранти и жртви на семејно насилство. Сребрената награда ја освои Гуалдо Тадино (Италија), за иновативни иницијативи за домување наменети за жени, ЛГБТИК лица, мигранти и лица со посебни потреби. Бронзената награда и припадна на Сарагоса (Шпанија) за нејзиниот системски пристап во спречувањето на бездомништвото и обезбедувањето прифатливи станови. Сарагоса ја доби и наградата од публиката, за која гласаа учесниците на доделувањето.
Вклучувањето како темел на европските вредности
Наградата е дел од пошироката работа на Европската комисија за унапредување на еднаквоста, во рамките на Акциониот план против расизмот 2020-2025 година и Стратегијата за ЛГБТИК еднаквост. Се оценуваат иницијативите кои поттикнуваат различност и ја почитуваат меѓусебната поврзаност на повеќе форми на дискриминација. Во април, комисијата започна и две јавни консултации за идните стратегии за ЛГБТИК еднаквост и борбата против расизмот, кои ќе се засноваат на минатите достигнувања.
Консултациите се отворени до 24 јуни, односно 8 јули 2025 година. Европскиот месец на различностите, прославен за прв пат во 2020 година, промовира работни места без дискриминација и ги поттикнува вредностите на отвореност и еднакви можности за сите.