Маестро Симон Трпчески, одржа концерт во Будимпешта со симфонискиот оркестар на Унгарското радио, под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Фрица. Тој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс во првиот дел од вечерта, во свечената сала на музичката академија „Франц Лист“.
Тој за прв пат настапи со оркестарот на Унгарското радио и тоа на покана на диригентот Рикардо Фрица од Италија, со кој веќе имаат настапувано заедно.
„Трпчески не е само пијанист, тој е пред се мој пријател, се знаеме многу години и настапувавме заедно. Многу е лесно за мене да соработувам со него бидејќи имаме иста страст кон музиката, имаме совршена музичка комуникација. Се надевам ќе имаме уште многу заеднички концерти“, истакна диригентот.
На крајот на својот настап, Трпчески и подари на публиката македонска композиција и изведе дел од Македонисимо, поточно „Пиперковото оро“. .
Турнејата на Трпчески продолжува во Белград, и тоа со два концерти во една вечер, Солун, Нови Сад, Сараево.