Компанијата Blue Origin соопшти дека оваа недела повторно ќе се обиде да лансира ракета New Glenn, која носи два NASA сателити наменети за проучување на вселенското време на Марс.
Новото време за лансирање е закажано за четврток попладне, во рамки на 90-минутен временски прозорец кој започнува неколку минути пред 15 часот локално време, соопшти компанијата на својот веб-сајт, пренесува Reuters.
Американскиот Центар за предвидување на вселенското време предвиде дека ризикот од соларна активност во четврток ќе биде значително помал.
Ракетата New Glenn, двостепена леталка висока 32 ката и наменета за тешки товари, првично требаше да полета во неделата со мисија со која ќе им достави сателити на NASA за Марс.
Лансирањето првично беше откажано поради густа облачност, а потоа повторно во среда поради предупредување за силна геомагнетна бура. Бурата беше предизвикана од бран на високоенергетски честички испуштени од големи соларни ерупции, познати како „избивања на коронална маса“.
Интензитетот на бурaта во среда беше измерен на ниво G-4 („силна“), што е еден степен под највисокото G-5 („екстремна“), но се очекува активноста да се намали до четврток.
Геомагнетните бури можат да нарушат радио и сателитски комуникации и да ја зголемат трењето во орбитата на Земјата, што во 2022 година доведе до оштетување на 40 Starlink сателити на компанијата SpaceX.
Зголемената соларна активност предизвика и појави на северно светло (Aurora Borealis) кои оваа недела беа видливи на голем дел од територијата на САД.
