Парискиот музеј Лувр утрово беше место на една од најспектакуларните и најдрски кражби во својата историја. За само седум минути, околу 9:30 часот, група неидентификувани крадци провалила во Аполо галеријата – простор познат по изложбата на кралскиот накит – и украла осум историски парчиња накит од непроценлива вредност.
Според официјалното соопштение на француското Министерство за култура, мета на кражбата биле две високобезбедносни витрини кои ги чуваат накитите од збирките на француските кралици и царици. „Осум парчиња накит се исчезнати, вклучувајќи дијадеми и огрлици од кралските колекции“, соопшти Министерството. Деветтиот предмет – круната на царицата Ежени, која Лувр ја опишува како „симбол на сјајот на Втората империја“ – сепак е зачувана. Круната подоцна била пронајдена во близина на познатиот музеј, заедно со куќиштето. Била оштетена за време на кражбата.
Прецизен план и сопствена опрема
Според информациите објавени од париската државна обвинителка Лор Бекуо (Laure Beccuau), крадците се појавиле со сопствена опрема, вклучувајќи мобилна дизалица – платформа со која се искачиле до прозорците на галеријата. Платформата ја довлекле сами, само неколку минути пред упадот, а потоа ја напуштиле при бегството.
Околу 18:30 часот Министерството за култура потврди дека се украдени осум предмети, додека обвинителката Бекуо на телевизијата BFMTV го откри и деталниот список на накитот.
Што сè е украдено
Пленот, кој историчарите го нарекуваат „непроценлив дел од француската историја“, вклучува накит од неколку кралски колекции:
- Од колекцијата на Мари-Луиз, сопруга на Наполеон Бонапарта: огрлица и пар смарагдни обетки.
- Од збирките на кралиците Мари-Амели и Ортанс: дијадема, огрлица и пар сафирни обетки.
- Од колекцијата на царицата Ежени, сопруга на Наполеон III: два броша (од кои едниот е реликвијар), украсен корсет-чвор и дијадема.
Според извори блиски до истрагата, крадците се обиделе да ја однесат и круната на царицата Ежени, но ја оставиле во брзање. Круната, висока 13 сантиметри и широка 15, содржи дури 1354 дијаманти, 1136 розети и 56 смарагди. Ја изработил познатиот париски златар Александар-Габриел Лемоние (Alexandre-Gabriel Lemonnier) за Светската изложба во 1855 година.
„Вредноста е непроценлива, загубата е огромна“
Француското Министерство за култура ја опиша кражбата како „удар врз националното културно наследство“. Вредноста на накитот не може да се изрази во пари, бидејќи станува збор за историски збирки што сведочат за раскошот на француските кралски дворови.
Полицијата и форензичките тимови го прегледале местото на настанот, а платформата со која се послужиле крадците е отстранета и моментално е предмет на вештачење.
Париз во шок
Лувр привремено ја затвори Аполо галеријата и започна внатрешна безбедносна ревизија. Француската полиција спроведува обемна потрага, а истрагата ја води Одделот за борба против организираниот криминал.
Иако круната е пронајдена, осумте украдени накити сè уште се во рацете на крадците. Властите предупредуваат дека нивната продажба на црниот пазар би била речиси невозможна поради нивната препознатливост и историска важност, но се стравува дека би можеле да бидат расклопени и претопени за да се прикрие потеклото.
Француската јавност со нетрпение ги очекува првите резултати од истрагата, додека детективите трагаат по сторителите. Лувр се соочува со еден од најтешките моменти во својата понова историја.