„Ова е предупредување за другите“: Во мистериозна акција ликвидиран водачот на единицата „Еспањола“

Стотици луѓе се собраа под сводови и златните икони на московската Катедрала Христос Спасител за да му оддадат последна почит на Станислав Орлов, познат по воениот прекар „Шпанец“.

Орлов беше основач и водач на крајно десничарската паравоена единица „Еспањола“, составена од фудбалски хулигани и неонацистички доброволци кои се бореа на руската страна во војната во Украина, објави „Гардијан“.

Иако погребот беше организиран со државничка помпезност, со запалени факели и скандирање „Еден за сите, сите за еден“, една клучна информација изостануваше, официјалната причина за смртта не беше соопштена.

Убиство на Крим?

Смртта на Орлов, за која првпат се појавија гласини на 9 декември, повеќе од две недели беше предмет на шпекулации. Медиуми поврзани со Кремљ, но и независни извори, објавија дека тој не загинал на фронтот, туку бил убиен во својот дом на анектираниот Крим, наводно во акција на московските безбедносни служби.

Антивоениот медиум „Астра“, кој работи во егзил, објави снимка од надзорна камера за која тврди дека ги прикажува моментите пред убиството, на неа се гледаат вооружени лица кои пристигнуваат пред куќата на Орлов, по што се слушаат истрели. Според извештајот, брзата помош пристигнала дури шест часа подоцна.

Пресметка по побуната на Вагнер

Аналитичарите оценуваат дека ликвидацијата на Орлов е дел од поширока кампања на Кремљ за сузбивање на одметнатите ултранационалистички фигури и полуавтономни вооружени групи, започната по побуната на платеничката група Вагнер во јуни 2023 година. Иако таа побуна траеше кратко, се смета за најсериозен предизвик за владеењето на Владимир Путин.

Два месеца подоцна, лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, загина во авионска несреќа која западни претставници ја оценија како одмазда. Оттогаш, руските власти ги распуштаат или интегрираат нередовните формации во регуларната армија, а истакнатите ултранационалисти се замолчуваат или процесуираат.

Јасна порака

„Смртта на Орлов е демонстративна елиминација на радикал кој излезе од контрола, порака за одвраќање на другите“, изјави московскиот политички аналитичар Андреј Колесников. Според него, пораката е примена, малкумина провоени блогери јавно зборуваат за случајот.

Самата „Еспањола“, која беше санкционирана од Европска унија и Обединето Кралство, во октомври објави дека се распушта и дека нејзините борци ќе се приклучат на регуларната армија. Два месеца подоцна, нејзиниот основач беше убиен.

Колесников укажува на парадоксот на „воената Русија“: радикалните фигури се слават и погребуваат во најсветите простори, но кога ќе ги преминат границите поставени од државата, можат да бидат отстранети.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни