Унгарија денес гласа на избори кои можат да стават крај на 16-годишната власт на премиерот Виктор Орбан и да испратат бранови низ цела Европа, сè до Москва и Белата куќа. Гласачките места за парламентот со 199 места отворени се во шест часот наутро и ќе бидат затворени во 19 часот.
Што кажуваат анкетите?
Анкетите од последните две недели покажуваат дека Орбановиот Фидес заостанува зад Тиса, новата центардесничарска партија на Петер Маѓар, за седум до девет процентни поени. Тоа е предност која тешко се игнорира, но аналитичарите предупредуваат дека исходот сè уште е неизвесен. Голем број неодлучни гласачи, прекројувањето на изборните единици во корист на Фидес и значителниот удел на етнички Унгарци во соседните земји кои главно го поддржуваат Орбан го чинат крајниот резултат тешко предвидлив.
Сепак можни се сите исходи: од Маѓарово двотретинско мнозинство до Орбанова победа.
Путин без најблизок пријател во ЕУ?
Гласањето внимателно се следи во Брисел, каде многу колеги од ЕУ го критикуваат Орбан пријател на рускиот претседател Владимир Путин и близок сојузник на Доналд Трамп за она што го нарекуваат ерозија на демократското управување, слободата на медиумите и правата на малцинствата.
За Украина, источниот сосед на Унгарија, евентуалниот пораз на Орбан може да значи деблокирање на кредитите на ЕУ од 90 милијарди евра клучни за воените напори на Киев. За Русија, пак, Орбановото заминување би значело губење на најблискиот сојузник во рамките на Унијата.
Орбан: „Унгарците ќе гласаат за безбедност”
Орбан изборите ги претставил како избор помеѓу „војна и мир”, тврдејќи дека опозицискиот лидер Маѓар ќе ја вовлече Унгарија во рускиот конфликт со Украина нешто што Маѓар цврсто го одрекува.
„Со најголема надеж ги очекувам неделните избори”, рекол Орбан пред приврзаниците во неговиот роден град Секешфехервар во сабота. „Ако се познаваме себеси, ако ја познаваме нашата земја и ако го познаваме нашиот народ мора да кажам дека Унгарците во недела ќе гласаат за безбедност.”
Орбан ја добил јавната поддршка на Трамповата администрација која кулминирала со посетата на потпретседателот Џеј Ди Венс на Будимпешта минатата недела. Ужива и поддршка на Кремљ и крајнодесничарски лидери низ Европа. Сепак, неговата кампања ја разниша медиумски известувањата во кои се тврди дека неговата влада соработувала со Москва обвинувања кои тој ги одрекува.
Маѓар: „Референдум за иднината”
Поранешниот Орбанов соработник Маѓар го искористил незадоволството поради наводната државна корупција и падот на животниот стандард, особено меѓу младите гласачи кои гласно бараат промена.
На својот последен митинг во градот Мишколц во петок, Маѓар рекол: „Ова ќе биде референдум за иднината на нашата земја и за тоа каде припаѓаме.”
„Знам дека мојата иднина зависи од ова”
Гласот на 24-годишната Кришта Токеш, продавачка на сувенири во Будимпешта, е симбол на расположението кај младата генерација. „Многу сум возбудена, но и многу исплашена”, рекла таа. „Знам дека мојата иднина зависи од ова” додавајќи дека планира да ја напушти Унгарија ако Орбан победи.
Унгарија гласа. Европа чека. Резултатите следуваат вечерва.