Околу 40 професори и научници од 16 земји учествуваат на 13. Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први“ кој од денеска до 2 ноември се одржува во Скопје, во организација на Институтот за национална историја при УКИМ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“.
Симпозиумот, годинава на тема „Мрежи“, е посветен на императорот Јустинијан Први и има цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа. На шесте сесии во текот на двата работни дена од научниот собир ќе бидат презентирани најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии.

„Деновите на Јустинијан I“ се поддржани и од Амбасадата на Италија во земјава, со што е поттикната академската соработка со Универзитетот во Болоња.
Симпозиумот секоја година опфаќа и теми од црковната историја и духовното наследство, со оглед дека овој византиски владетел од 6 век стремел за воспоставување хармонија меѓу државната и црковната власт и е основач на архиепископијата „Јустинијана Прима“.