Отворена најголемата сончева електрана во светот

Кина го потврди своето присуство меѓу светските актери кога станува збор за обновливите извори на енергија, особено кога станува збор за сончевата енергија, што го потврди и со ставањето во функција на најголемата соларна фотоволтаична (PV) централа во светот.

Електраната со моќност од 3,5 GW се наоѓа во пустинскиот регион на северозападната провинција Ксинџијанг – провинција позната по двете големи пустини, Такла Макан на југ и Гурбантунгут на север, кои се меѓу најсушните области во светот. Стратешки се наоѓа во оваа покраина поради географските предности, а централата треба годишно да произведува над шест милијарди GWh електрична енергија, јавуваат светските медиуми.

Покривајќи околу 13.000 хектари, оваа огромна инсталација го надминува капацитетот на претходните најголеми соларни паркови од 3 GW, исто така лоцирани во западниот дел на Кина.

Охрабрена од намалувањето на трошоците за производство, како и од некои други фактори, Кина драстично го зголеми својот капацитет во областа на сончевата енергија во текот на 2023 година, со што значително ја намали зависноста од фосилните горива. Иницијативите служат и за постигнување на планот на Кина да добие речиси половина од својата електрична енергија од ОИЕ до крајот на деценијата, со цел дополнително да се постигне климатска неутралност.

Според извештајот на Меѓународната агенција за енергија, Кина го удвоила својот капацитет за соларна енергија и инсталирала количина соларни панели еднаква на вкупната количина инсталирана во целиот свет во текот на претходната година.

Фото: pexels

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни