Отворена кампања на донаторскиот фонд на Конект за справување со последиците од трагедијата во Кочани

Се повикуваат сите заинтересирани граѓани, бизниси и субјекти да донираат директно преку Оп-оп или да се обратат во Конект на тел. 02/ 3224 198 или на konekt@konekt.org.mk , да го споделат овој повик за донирање со своите мрежи на соработници и пријатели од земјата и странство.
Фото Томислав Георгиев

Донаторскиот фонд на Конект прибира донации од граѓани и бизниси за справување со последиците кај засегнатите сограѓани од пожарот во дискотеката во Кочани. До сега, од поставената кампања на интернет платформата за групно донирање Оп- оп, се прибрани 119.000 денари од граѓани.
Во овој период, сите се солидаризираат со потреба да им дадеме помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените од пожарот кој изби во дискотеката во Кочани и го одзеде животот на најмалку 59 лица меѓу кои деца, а повреди над 155 сограѓани од Кочани, Штип, Берово, Виница, Пробиштип, Струмица, Скопје и пошироко.

Илустрација Зоран Кардула

Здружението Конект во рамки на донаторскиот фонд отвори линија за поддршка на семејствата на загинатите и засегнатите од пожарот во дискотеката во Кочани. Фондот и Оп-Оп работат по високи стандарди на сигурност и отчетност. Во зависност од големината на прибраните донации и анализата на потребите ќе се димензионира и обемот на поддршка што ќе се реализира во соработка со локални граѓански организации. Собраните средства ќе бидат наменети за итните потреби за коишто нема тековни извори на финансирање (лекување, правна помош, патување и сл.); психо-социјална поддршка од стручни лица за справување со траумата (за семејства, ученици, студенти, младински заедници, наставници); мерки за справување со последиците во пошироките заедници.


Фото Томислав Георгиев


На платформата за групно донирање Оп-оп поставена е кампања каде што граѓаните и компаниите можат брзо, лесно и безбедно да ја дадат поддршката со употреба на банкарски картички од земјата, но и директно од странство. Се повикуваат сите заинтересирани граѓани, бизниси и субјекти да донираат директно преку Оп-оп или да се обратат во Конект на тел. 02/ 3224 198 или на konekt@konekt.org.mk , да го споделат овој повик за донирање со своите мрежи на соработници и пријатели од земјата и странство.
„Ќе бидат потребни многу ресурси, време и соработка на сите чинители за да се лекуваат последиците на оваа колективна траума. Граѓанските организации имаат важна улога во ублажување на последиците кои дополнително ќе се почувствуваат. Ги повикуваме граѓаните и компаниите солидарноста да ја покажат на дело и да донираат.“ изјави Виктор Мирчевски, програмски директор во Конект организација којашто 17 години работи во полето на филантропијата и општествената одговорност.
Донаторскиот фонд на Конект е механизам кој има капацитет да отвора и следи грантова поддршка во поголем обем за полезната работа на граѓанските организации на терен. Фондот работи по критериуми на одлучување на доделување поддршка, активно се следат примателите и транспарентно и отчетно се известува за нивните постигнувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни