Галерија Мала Станица

Отворена изложбата „Украина: Воено Злосторство“

Вчера во галеријата Мала Станица беше отворена изложбата „Украина: Воено Злосторство“. Се работи за изложба на која се селектирани фотографиите на 93 фоторепортери од целиот свет, кои нудат трогателен доказ за тековната борба во Украина.

Изложбата е изведена од истоимената книга објавена од FotoEvidence од уметнички директор, фотографката Светлана Бачеванова од Бугарија, со над 360 фотографии и сведочења, кои фрлаат светло на руската инвазија.

Фотографиите беа изложени во три простории на галеријата. Во првата просторија беа прикажани фотографиите кои го покажуваат почетокот на војната, во втората текот на војната, а во третата просторија фотографиите кои ги покажуваат последиците од воениот конфликт. Целта, вели Бачеванова е да се отиде чекор подалеку од она што се прикажува на медиумите.

-Фотографиите не се само сведоштво за војната, тие се и доказ за воените злосторства кои се случуваат секојдневно во Украина- вели Бачеванова.

Тешко било објаснува таа, да се направи селекција на сите пристигнати фотографии и да се издвојат овие кои се дел од изложбата. Целта на сето ова, вели Бачеванова за Трн, е да не замре темата за злосторствата во Украина, затоа што тие се реалност.

А токму таа реалност која се случува не толку далеку од нас делува застрашувачки. Сите лица на војната прикажани низ фотографскиот објектив, ја носат личната приказна на нејзините жртви и колективната приказна на земјата зафатена од војна.

Фоторепортерите секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ги доловат ужасите на војната, обезбедувајќи редок увид во човечката цена на конфликтот. Еден од тие фоторепортери е фриленсерот Кристофер Окиконе чии фотографии од војната во Украина се објавени во неколку светски магазини.

-Војната те менува многу како личност, но кога ќе ја видиш својата фотографија како дел од оваа приказна која се случува вечерва овде и како дел од едно сведоштво за ужасот на војната, тогаш знаеш дека вреди се она низ што си поминал, вели Кристофер за Трн.

Оваа изложба, претставена од FotoEvidence и поддржана од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, не е само одраз на настаните од минатото, туку и светилник на надеж за дијалог, емпатија и поддршка за стремежот на Украина за правда и исцелување.

Изложбата пред да пристигне во Скопје беше прикажана во Тирана и во Приштина

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни