Во објектот Чифте амам е отворена изложбата „Портрети и фигури – избор од колекцијата на Националната галерија“ која претставува селекција на педесеттина дела (слики и скулптури) на едни од најрано прибавените експонати за колекцијата, вклучително и вредни дела, од кои голем дел биле претставени и на првата постојана поставка од формирањето на Галеријата.
– Овој избор е само мал дел од исклучителните уметнички остварувања од XIX до средината на ХХ век, во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот. Ова е ретка можност, во наредните две недели, повторно да се видат овие дела кои предизвикуваат особен интерес кај публиката, а се повремено претставувани во рамките на различни тематски изложби во организација на Националната галерија, се вели во соопштението од Националната галерија на Македонија.
На изложбата „Портрети и фигури – избор од колекцијата на Националната галерија“ се претставени дела од авторите Сава Шумановиќ, Стеван Алексиќ, Петар Добровиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Петар Добровиќ, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Граовац, Павел Ѓурковиќ, Владимир Филаковац, Љубо Бабиќ, Коста Хакман, Мирослав Краљевиќ, Коста Милиќевиќ, Стојан Аралица, Лазар Личеноски, Миливој Узелац, Антун Аугустинчиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Франо Кршинич, Ристо Стијовиќ.