Отворена изложбата „Мирот започнува со насмевка“ по повод 115 години од раѓањето на Мајка Тереза

Избор од фотографии и цитати кои ја доловуваат суштината на мисијата на една од најголемите хуманистки на нашето време – Мајка Тереза – да се биде светлина таму каде што има темнина, се дел од изложбата насловена „Мирот започнува со насмевка“, отворена денеска во нејзината Спомен куќа, по повод 115 години од нејзиното раѓање.

На отворањето на изложбата присуствуваа и министерот за култура и туризам Зоран Љутков и Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов

„Денес сме собрани не само да оддадеме почит на нејзиниот живот и дело, туку и да се потсетиме на вредностите што таа ги застапуваше и живееше – љубовта, сочувството, простувањето, грижата за најслабите и силата на еден искрен, човечки гест – насмевката. Со оваа изложба сакаме да потсетиме дека добрината не бара богатство, туку волја, дека мирот не започнува со договори, туку со насмевка и со желба да се направи нешто убаво за другиот. Да се потсетиме дека светот станува подобро место секогаш кога ќе избереме да бидеме добри, да бидеме. Да бидеме таа насмевка со која почнува мирот“, рече в.д. директорката на Спомен куќата на Мајка Тереза, Соња Кузмановска.

Кустосот Снежана Алексовска истакна дека низ фотографиите ќе се потсетиме на несебичната љубов на Мајка Тереза кон ближните, болните и сиромашните.

„Таа градела мостови на разбирање и соочување со болката преку добрина и бесусловна љубов. Животот и делото на Мајка Тереза претставуваат вечна светлина и траен потсетник на вистинските вредности – човечноста, љубовта и мирот. Мирот започнува во нас самите Не можеме да постигнеме вистински мир во светот, ако не го негуваме мирот во себеси. Насмевката е многу важна. Ако не умееме да се насмевнеме тогаш тешко ќе го пронајдеме мирот – и во себе, и во светот околу нас. Мирот не се одржува со сила, тој се гради со разбирање, сочувство и љубов. За крај, една мисла од Мајка Тереза „Ако немаме мир тоа е затоа што сме заборавиме да припаѓаме едни на други“, додаде Алексовска.

Утре во 16 часот се отвора 81. Меѓународен фимски фестивал во Венеција со филмот „Мајка“ (Mother), инспириран од животот на Мајка Тереза, на режисерката Теона Стругар Митевска, а продуцент е Лабина Митевска.

На 5 септември во 8 часот во капелата на Спомен куќата на Мајка Тереза ќе има света миса и сестрите ќе донесат реликвија од Мајка Тереза. Секој кој сака ќе има можност да оддаде почит и да се помоли пред реликвијата

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни