Отворена изложбата „105 години Требениште“ во Софија

Ексклузивната изложба „105 години Требениште“ синоќа беше отворена во Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Изложбата која првенствено беше отворена во Скопје, во 2025 година ќе биде отворена во Белград, а ја организираат: Археолошкиот музеј од Скопје и Заводот и музеј од Охрид, Националниот археолошки институт и музеј при БАН од Софија и Народниот музеј од Белград. На отворањето присуствуваа функционери и претставници од институциите на трите држави.

Директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, д-р Славица Бабамова рече:
„Требениште и неговите раскошни наоди во 21 век добија нова димензија: станаа предизвик за заедничка врвна професионална работа и симбол за заедничка цел за реализација на оваа изложба од страна на музеите во Софија, Белград и Скопје. Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави“, рече таа.

Златните маски од Требеништа и стотината непроценливи артефакти кои говорат за аристократијата во 6 и 5 век пред нашата ера на крајбрежјето на Охридското Езеро, по изложбата во Белград во 2025 година ќе бидат изложени во повеќе европски градови.

Во присуство на многу гости, амбасадори, политичари, музејски работници од трите држави на отворањето на изложбата во Националниот археолошки институт со музеј при БАН, во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка на земјите од регионот, говореа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, директорите на музеите од Софија, Христо Попов, и од Белград, Бојана Борич-Брешковиќ, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, и државниот секретар во Министерството за култура на Србија, Миодраг Ивановиќ.

Меѓу археолошките предмети кои потекнуваат од Требениште, најпознати се погребните златни маски, но во рамките на изложбата можат да се видат и други вредни предмети, како што се: златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, оружје, шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија која го населувала денешното село Требениште.

Со оглед на тоа што овој проект ја содржи суштината на поврзувањето на земјите од Западен Балкан преку културата, зачувувањето и промовирањето на културното наследство како темелна европска вредност, изложбата посветена на требенишката некропола ќе го продолжи своето патешествие низ најзначајните европски и светски музеи, кои искажуваат огромен интерес уште од започнувањето на проектот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни