Италијанското обвинителство отвори истрага за можна шпионажа и тероризам откако беспилотно летало неколку пати прелета над истражувачки центар на Европската унија во северозападна Италија, соопштија денеска два добро упатени извори.
Изворите наведоа дека Европскиот заеднички истражувачки центар во градот Испра на езерото Маџоре пријавил дека во текот на месецов имало пет прелетувања од комерцијален дрон, за кој се верува дека е руско производство судејќи според фотографии.
Летови над Европскиот заеднички истражувачки центар, кој беше отворен во 1960 година како објект за нуклеарни истражувања, не се дозволени, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.