Отворена Фонтана ди Треви по тримесечно реставрирање, Рим воведе мерки за намалување на гужвите

Градските власти размислуваат и за воведување на влезница, која ќе помогне за финансирање на одржувањето на фонтаната

Познатата римска Фонтана ди Треви повторно е отворена по тримесечна реставраторска обнова.

Италијанскиот архитект Никола Салви ја изгради оваа барокна знаменитост во 18. век покрај Палатата Поли и таа е една од најпосетуваните локации во главниот град на Италија. Меѓу 10.000 и 12.000 туристи ја посетуваат фонтаната секој ден, но од неодмана е воведен нов систем на чекање за да се спречат гужвите околу фонтаната.

Градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери изјави дека ова ограничување „ќе им овозможи на сите да уживаат во погледот на фонтаната без гужви“.

Градските власти размислуваат и за воведување на влезница, која ќе помогне за финансирање на одржувањето на фонтаната. На повторното отворање во недела присуствуваа неколку стотици туристи, од кои многумина, заедно со градоначалникот, фрлаа парички во фонтаната, што е стара традиција.

За време на тримесечното чистење на фонтаната, беа отстранети наслаги од мов и од калциум. Фонтаната и други клучни градски локации беа исчистени пред Божиќните празници.

Дека фонтаната е во лоша состојба беше откриено во 2012 година, кога делови од венецот почнаа да паѓаат поради силна зима. Реновирањето чинеше неколку милиони евра.

Фрлањето парички во водата со замислување желба е долга традиција, благодарение на која градските власти собираат околу 10.000 евра неделно. Сите собрани пари се донираат на добротворни организации кои обезбедуваат оброци за сиромашни.

Интересни факти
Фонтана ди Треви е изградена по налог на папата Климент VII во 1730 година како крајна точка на еден од водоводните канали кои ја снабдувале старата Рим со вода.

Пред да стигне до фонтаната, водата патува вкупно 20 километри.

Туристите можат да пијат вода од посебна чешма која се наоѓа на една страна од фонтаната. Според легендата, изворот на водата бил откриен од жедни римски војници во 19. година п.н.е., кои биле упатени од млада девица, па оваа вода ја добила името „Девствена вода“.

Традицијата на фрлање парички во фонтаната ја прославила песната на Френк Синатра во романтичната комедија од 1954 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни