Отворен повик за волонтери за Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ 2025

Пријавувањето за волонтерите е веќе отворено и се одвива преку официјалната веб-страница на ЕМОФ Скопје 2025

Европскиот Младински Олимписки Фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје и Куманово, претставува најголемиот спортски настан што досега се организирал во нашата земја. За успешно спроведување на овој значаен фестивал, потребна е поддршка од голем број млади луѓе кои ќе се вклучат како волонтери и ќе станат дел од тимот што ќе го претстави Скопје и Македонија пред илјадници учесници и гости од цела Европа.

Во таа насока, организаторите на ЕМОФ Скопје 2025 упатуваат отворен повик до младите од Скопје да се пријават за волонтерска улога и да дадат свој личен придонес во реализацијата на овој значаен настан. Волонтерите ќе имаат клучна улога во организацијата – од логистичка поддршка на спортските натпревари, дочек и водење на спортските делегации, асистенција во медиумски активности, до учество во организацијата на церемониите на отворање и затворање. Тие ќе бидат првото лице што ќе го сретнат младите спортисти и нивните тимови по пристигнувањето во Скопје, носејќи ја улогата на амбасадори на градот и на државата.

За волонтерите, ЕМОФ Скопје 2025 претставува единствена можност за лично и професионално усовршување. Тие ќе имаат можност да стекнат практично искуство во организација на голем меѓународен настан, да работат во интернационална и динамична средина, да развијат комуникациски и организациски вештини, како и да создадат нови пријателства и контакти со млади од цела Европа. Сите волонтери ќе добијат официјален сертификат за учество, обука, волонтерски пакет и поддршка од страна на организацискиот тим. Покрај учеството во организацијата на еден од најголемите спортски настани во Европа, волонтерите ќе работат во интеркултурна средина и ќе создадат мрежа на контакти која може да им биде од корист во иднина. Ова е шанса за личен раст, градење на самодоверба и учење преку практично искуство.

Особено значајна е вклученоста на младите од Скопје, кои го познаваат градот, неговата енергија и дух, и кои со својот ангажман ќе придонесат тој да се претстави на најдобар можен начин. Волонтерите не се само помошници во организацијата – тие се движечка сила, клучен елемент без кој фестивалот не би можел да се реализира.

Пријавувањето за волонтерите е веќе отворено и се одвива преку официјалната веб-страница на ЕМОФ Скопје 2025. Заинтересираните млади не мора да имаат претходно искуство – доволна е желбата за учење, тимска работа и љубовта кон спортот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни