КПЦ Центар Јадро распишува отворен повик за работилницата „ЗНАК до ЗНАК – почувствувај го знаковниот јазик“.
Сите заинтересирани за учество можат да се пријавите на следниов линк: https://forms.gle/a1U7NZ6Zcm1dvxE89
Работилницата ќе се одржи следниве викенди:
– сабота (22.06.2024) и недела (23.06.2024) од 18.00 до 20.00 часот
– сабота (29.06.2024) и недела (30.06.2024) целодневна
– сабота (06.07.2024) и недела (07.07.2024) целодневна
Работилницата е првенствено наменета за уметници од сите области кои би сакале да создадат дела користејќи го знаковниот јазик, но и за сите оние кои сакаат да научат знаковен јазик како еден поинаков начин на комуникација и изразување.
Бројот на учесници е ограничен.
Целта на работилницата „ЗНАК до ЗНАК – почувствувај го знаковниот јазик“ е запознавање со основни знаци и фрази од јазикот, кои потоа учесниците ќе ги користат за развивање и презентирање на уметнички дела и изложба.
Предавач и консултант во серија сесии за запознавање со знаковниот јазик ќе биде Викторија Волак, а учесниците ќе бидат уметници од различни области. Учесниците на работилницата ќе работат на запознавање и совладување на основните и специфичните фрази од знаковниот јазик, а потоа наученото ќе го искористат во креативен процес.
Викторија Волак во 1999 година дипломира на Институтот за дефектологија (денешен Институт за специјална едукација и рехабилитација) при Филозофскиот факултет на УКИМ. Од 1999 година е вработена во ДУЦОР „Партенија Зографски“ Скопје и е долгогодишен практичар во воспитно-образовната работа со ученици со оштетен слух и говор. Уште од студентските денови е толкувач на македонски знаковен јазик, а со Законот за употреба на знаковниот јазик во 2009 година е официјален сертифициран толкувач на знаковен јазик. Денес зад себе има остварено низа професионални толкувања во различни сфери за потребите на глувите лица, најмногу на домашен терен, но и на многу меѓународни манифестации, конференции и конгреси.
Реализацијата на „ЗНАК до ЗНАК – почувствувај го знаковниот јазик“ е дел од годишната програма КСП Центар-Јадро, поддржана од Минстерството за култура на Република Северна Македонија.