Отворен е највисокиот хотел во светот

Дубаи доби нов рекордер: Ciel Tower, со своите импресивни 377 метри висина, официјално ги отвори вратите, станувајќи највисокиот хотел во светот.

Издигнат над модерната Dubai Marina, овој хотел со 82 ката и повеќе од илјада соби стана новата атракција на градот што важи за глобална престолнина на луксузот.

Интересно, Ciel првично не бил планиран како највисок хотел на планетата. „Сакавме да создадеме нешто спектакуларно, но не и највисокото“, изјави Роб Бернс, извршен директор на проектот, за CNN. Меѓутоа, со секоја ревизија на архитектонските планови зградата „растела“, а со додавањето на нови содржини стигна до светски рекорд.

И покрај екстремната висина, хотелот зазема релативно мал отпечаток, околу 3.600 квадратни метри, што е помалку од професионално фудбалско игралиште, што за Дубаи е скромно. Изненадувачки, и ентериерот не е разулавено луксузен: нема огромни фонтани, ниту впечатливи скулптури. Наместо тоа, просторот е дизајниран со заоблени линии, многу природна светлина и богата вегетација, создавајќи впечаток на елегантна, мирна и современа атмосфера.

Највпечатливо од птичја перспектива е архитектонското решение е отвор во средината на зградата што дозволува силните крајбрежни ветрови да минуваат низ неа, подобрувајќи ја стабилноста на структурата.

Она што најмногу го фасцинира посетителот се погледите кон Марината, Palm Jumeirah и целиот Персиски залив. Хотелот располага со осум ресторани, меѓу кои и House of Phoenix на 81. Кат, каде гастрономијата и панорамата се спојуваат во незаборавно искуство.

На располагање има и три базени, од кои најимпресивен е инфинити-базенот на 76. спрат, каде водата визуелно се спојува со небото, создавајќи илузија на лебдење над градот.

Иако од Дубаи секогаш се очекува екстраваганција, Ciel Tower се издвојува со суптилна елеганција. Заедничките простории се стилски, но ненаметливи. Собите се удобно уредени, а вистинскиот луксуз доаѓа од моќните панорами што го прават престојот незаборавен.

Со својот уникатен дизајн и рекордна висина, Ciel стана нов симбол на современата архитектура на Дубаи, доказ дека не секогаш најлуксузното мора да биде најнаметливо, но може да биде највпечатливо.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни