Дел од подземните простории на палатата на римскиот император Нерон беа отворен вчера за јавноста, во италијанската престолнина, по опсежни реставраторски работи и заштита од подземни води на скоро 2.000 години стариот споменик.
Отворањето на обновениот простор познат како Домус ауреа (Златната куќа) се случува во моментот кога италијанската престолнина се подготвува да пречека голем број туристи во Светата 2025 година, која ќе биде одбележана од римокатоличката црква, пренесува Ројтерс. Како што се очекува, Рим ќе биде посетен од дури 32 милиони луѓе следната година.
Посетителите на Нероновата палата ќе имаат можност да влезат низ новиот влез на западната страна, кој води кон широка сала, а потоа во просториите во кои сè уште се видливи траги од повеќето обоени фрески, мозаик и мермер.
Нероновата палата била изградена во 64. година по новата ера, откако голем пожар уништил поголемиот дел од тогашниот центар на Рим, а се верува дека римскиот император свирел виолина додека огнената стихија беснеела.
Палатата била повторно откриена во 15. век, а ренесансните мајстори како Рафаел и Микеланџело ја проучувале нејзините фрески. Како што се раскажува, во палата некогаш се наоѓала статуата на императорот Нерон висока повеќе од 36 метри.