Отворање на ЛОИ: Дожд, неколку чудни моменти, многу убави – се на се впечатливо

Фото: X/@Olympics

Беше врнежливо, имаше неколку чудни делови, но најголемиот дел од церемонијата за отворање на Летните олимписки игри во Париз беше убав, а целиот настан беше навистина впечатлив.

Со церемонија каква што досега не беше видена, беа отворени Олимписките игри во Париз, а медиумите истакнуваат неколку делови кои ќе останат запаметени.

Организаторите веројатно се надеваа на подобри услови за целото шоу, но сепак тие одлично ја искористија можноста да ги претстават Градот на светлината и неговата култура.

Бродовите кои пловеа по Сена ни овозможија да ги видиме прекрасните места во Париз, со Ајфеловата кула, украсена со олимпиското лого во позадината. Токму Ајфеловата кула беше центарот на церемонијата, која блескаше со сета своја светлина.

Целиот град беше користен за церемонијата, наместо само еден стадион како што е пракса досега, вклучувајќи и видеа од непознатиот носач на огнот како се качува по крововите и поминува низ најпознатите места во француската престолнина.

Историјата и културата на Париз беа прикажани низ целата церемонија, вклучувајќи и хеви-метал перформанс во кој беше прикажана Марија Антоанета со отсечена глава, како и модна ревија која се одржуваше на реката.

Како што заоѓаше сонцето, Градот на светлината блесна, помогнат од дождот. Олимпискиот оган помина покрај осветлената Сена и Лувр, а светлечкото и ласерско шоу од Ајфеловата кула изгледаше волшебно, осветлувајќи ги облаците и капките дожд.

Предупредувања за дожд и невреме имаше во текот на целито ден вчера, а невремето почна 30тина минути по започнување на шоуто, со што оваа церемонија стана веројатно најводената во историјата.

Фото: X/@Olympics

Илјадници гледачи покрај Сена беа облечени со пончо и јакни, но дождот кој не прекинуваше сепак разбрка дел од нив, кои бараа заштита покрај шаторите или покриените делови од градот.

Дождот влијаеше и врз настапите на танчерите и се забележуваше дека ги менуваат своите чекори за да го избегнат дождот и да не се слизнат за време на перформансот. Водата се одбиваше и од инструментите на музичарите.

Но, сепак, олимпискиот дух не беше запрен од дождот. Спортистите, стоејќи гордо, изгледаа возбудени да ја поздрават публиката.

Највпечатлив момент од отворањето веројатно беше настапот на Селин Дион, која пееше во живо за прв пат по четири години. Таа има ретка невролошка состојба која ѝ предизвикува грчеви, но сепак и покрај тоа, таа ги освои сите со својот глас.

Нејзината изведба на „L’Hymne à l’amour“ ја затвори церемонијата на прекрасен начин. Облечена во светкав бел фустан, нејзиниот настап ги наежи сите кои ја слушаа. Огромниот вресок на крајот на нејзиниот настап беше вистински поздрав за пејачка икона како неа.

Долгата пауза за танцување среде шоуто ја отслика атмосферата на најдобар начин: Ова беше момент за забава во француската престолнина.

Многу техно и европоп музика придружени со шарени танчери облечени во секакви рејв-облеки ги свртеја главите ширум светот додека Французите ја прикажуваа својата забавна сцена.

Претходно на церемонијата, првиот момент што ги натера луѓето да застанат и да зјапаат беше настапот на хеви метал групата Gojira и Марија Антоанета со отсечена глава. Во церемонијата на отворање полна со класични рок химни и танцови песни, тапаните и гитарите беа изненадувачка промена на темпото – навистина, тоа беше првпат метал бенд да свири на церемонијата на отворањето на едни Олимписки игри.

Имаше и одлична изведба на француската химна „Марсејеза“, а додека волонтерите ги носеа знамињата на државите учеснички кон Трокадеро, јавач на челичен коњ патуваше по Сена, носејќи го олимпиското знаме како наметка. Челичниот коњ пота го остапи местото на вистински коњ, кој го носеше олимпиското знаме за да биде официјално подигнато.

Фото: X/@Olympics

Париз вети церемонија за отворање на игрите како никоја досега и тоа го постигна. Олимпискиот огам беше носен од голем број на спортисти, поранешни и сегашни олимпијци како Зинедин Зидан, Рафаел Надал, Серена Вилијамс, Карл Луис и Тони Паркер.

Последните носачи на олимпискиот оган беа џудо ѕвездата Теди Ринер и спринтерката Мари-Хосе Пере, кои го запалијаогнот врзан за огромен балон кој започна да лебди.

Олимпискиот оган заврши над градот Париз, од каде што имавме уште една можност да го видиме сјајот на француската престолнина.

Фото: X/@Olympics

Извор: Си-Ен-Ен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни