На 18 јули во 20 часот, во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложбата ,,Бекет е со нас” од уметниците Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Марија Ќалиќ и Никола Шуица.
Оставината на Семјуел Бекет (1906–1989) претставува длабоко нурнување во суштината на човековото постоење. Неговите зборови и описи го издигнуваат секојдневието од баналноста, откривајќи му ги длабочините на времето и просторот. Неговите записи, романи и драми одекнуваат низ искуствата што ги формираа современата визуелна уметност. Во тие слоевити дела се испреплетуваат алузии и митови, пренесувајќи ја згуснатата атмосфера на немир, восхит, осаменост и моќта на сеќавањето.
Бекетовото присуство на културната мапа на Балканот започнува рано — со илегалната белградска изведба на драмата „Чекајќи го Годо“ во 1955 година, како одговор на геополитичките промени. Преку неговите зборови го согледуваме светот и неговите граници на издржливост:
„Да се даде израз на тоа дека нема ништо за изразување, како и дека нема ништо со што тоа би се изразило, дури и ништо од што би се тргнало кон изразувањето, при што не постои ни моќ ни желба за изразување, а сепак останува обврската – да биде изразено.“
Во нестабилниот 21 век, неговата трагикомична визија добива ново значење. Денешната реалност, исполнета со мрачни тајни, неуротични информации и апсурдни инциденти, сè повеќе ја потврдува Бекетовата немоќ како универзален глас на современото општество.
Изложбата „Бекет е со нас“ нуди дела што провоцираат и вознемируваат. Уметниците ги преобликуваат предметите и амбиентите во сложени визуелни структури, создавајќи текстури што ги одразуваат внатрешните тензии на денешното време. Овие визуелни наративи не само што ја продолжуваат Бекетовата мисла, туку ја претвораат во телесно и сензорно искуство за гледачот.