Имагинацијата претставува најголема слобода и креативна активност во животот на децата преку која невино ја градат и неуморно ја развиваат својата интелигенција. Со замислувањето на свет креиран според личните убедувања и желби најмладите создаваат автентичен и независен поглед и вредности.
Детската литература придонесува во развојот на нивната интелигенција, емотивност, креативност и имагинација. Книгата пропратена со восхитувачки илустрации им помага на најмладите да замислат или создадат имагинарен свет управуван од лични правила и да се одвојат од светот на возрасните кој е преплавен од обврски и правила. Впечатливата сликовитост на илустрациите во детската литература е незаменлива во изградбата на богата имагинација како најсуштинска творечка активност во детството. Разигрувајќи ја моќната фантазија на детските умови со помош на визуелните ликовни интерпретации на пишаните зборови децата стекнуваат способност брзо да учат и правилно да расудуваат. Сказновидните и чудесни настани преку ликовната илустрација стануваат јасни и разбирливи. Безбројните фантазии на уметникот исткаени во невообичаените настани коишто им се случуват на ликовите одеднаш добиваат смисла.
„ИМАГИНАРИУМ“ претставува самостојна изложба на академскиот уметник Христина Мазнеска, која ја сочинуваат 50-тина креативни колоритни илустрации за деца изработени во периодот меѓу 2018 и 2022 година. Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска, произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги поддучуваат на моралните доблести – идни водилки кои треба да ги применуваат во текот на животот.
Во ликовниот стилски израз на Мазнеска одѕвонува привлечна естетика која потсетува на легендарните дизниеви цртани, особено во: прикажувањето на особините на ликовите во приказната (храброст, лојалност и љубопитност), употребата на широка колоритна палета којашто овозможува создавање на живописни амбиенти кои предизвикуваат разни емоции и инвентивна сложена наративност со многубројни специфични детали во разиграните илустрации. Преку бујната и инвентивна ликовна интерпретација на сказновидните настани и бајковитите авантури на неповторливите ликови, уметничката со автентичен семиотички јазик го обединува вистинитото и измисленото.
Заштитата на разните екосистеми во светот од многубројните фактори кои ја загадуваат и уништуваат планетата Земја претставува основна тема која на генијален начин ја раскажува австралиската авторка Џен Иришу во книгата “Mother Earth why are you crying?”. Колоритните илустрации на уметничката изобилуваат со живописни пејзажни предели богати со разновидни растенија и животни, кои ги подучуваат најмладите за многуброните богатства кои се дел од разните екосистеми и за важноста од нивна заштита.
Британската авторка Елејн Мејсон во својата книга “Before it’s too late” го опишува истребувањето на африканските слонови и херојскиот обид на едно девојче да ги спаси од заканувачката иднина предизвикана од нелегалното ловење во Африка. Монохромните илустрации на Христина се карактеризираат со импресивни живописни пејзажи со многубројни претстави од растителниот и животинскиот свет. Ликовите и животните се илустрирани со одредена доза на реализам.
Во книгата „Осмото кралство“ од бугарската авторка Стефанија Митева се опишани чудесните авантури на девојчето Нора и нејзиниот алтруистички подвиг за пронаоѓање на магичен кристал кој ќе го подобри светот. Христина во своите илустрации применува раскошна боена палета и многубројни детали со намера живописно да ја пренесе приказната на храброто девојче.
Канадската авторка Маргарет Паскузо во својата книга “Molly’s Song” ја пренесува инспиративната приказна за летот на една ластовица и неговата пријателка песнопојка. Со реалистичен приказ се одликуваат претставите на птиците во колоритните разиграни илустрации на Мазнеска.
Во сликовницата “The Bendy Tree“ на австралиската авторка Грејс Џозефин е опишана истрајноста на малото свитливо дрво. Сказновидниот и волшебен призвук на фантастичните илустрации кои ги украсуваат страниците на сликовницата произлегува од примената на специфична палета на бои од страна на уметникот.
Уметничката го развива личниот креативен потенцијал и ја продлабочува сопствената творечка и суштествена посветеност во доменот на дигиталната уметност преку дизајнирање на особено интересни карактери и конструирање на сложени позадини во неколку видео игри: “War of the Elementals”, “Mycela and the Hidden Page”, “GEM” и “Bookvi”. Разновидните надреалистични позадини за видео играта “War of the Elementals” се одликуваат со фантастичен призвук и живописни пејзажни предели збогатени се разновидни видови од природата. Самата изложба ќе биде надополнета и со видео проекции на две видео игри на коишто Христина работела изминатите две години.
Христина Мазнеска преку живописен и детален приказ на разни мотиви умешно ја воведува детската имагинација и љубопитност во невообичаен свет во којшто добрината и доблестите се наградуваат. Со ликовното визуализирање и толкување на личната бујна имагинација уметникот создава личен замислен универзум – имагинариум, составен од многубројни разиграни илустрации коишто ја поттикнуваат и збогатуваат фантазијата на детските умови.