Повик за млади поети: „Отскочна даска #5“ како простор за нови поетски гласови

Скопскиот поетски фестивал по петти пат ги повикува младите автори од 16 до 30 години да настапат на преднастанот што води кон официјалното отворање на фестивалот

Во рамки на шестото издание на Скопски поетски фестивал, по петти пат се организира настанот „Отскочна даска“, наменет за млади поети на возраст од 16 до 30 години. Поетското читање ќе се одржи на 12 март, со почеток во 20 часот, во Скопје, како преднастан на фестивалската програма.

„Отскочна даска #5“ е замислена како простор за афирмација на нови поетски гласови и нивно вмрежување со пошироката книжевна сцена. Повикот е отворен за млади автори кои веќе имаат објавувано песни во книжевни списанија, издадено прва стихозбирка или настапувале на поетски читања, но и за оние кои сè уште ја чекаат својата прва можност јавно да ја споделат својата поезија.

Учесниците ќе бидат избрани од интерно жири, врз основа на испратените поетски текстови. На самата поетска вечер, избраните поети ќе настапат пред публика, а потоа со анонимно гласање меѓу себе ќе го изберат најуспешниот настап, односно поетот или поетесата што ќе остави најсилен вкупен впечаток.

Избраниот млад автор ќе добие можност да настапи и на официјалното отворање на шестото издание на Скопскиот поетски фестивал, на 7 мај, каде ќе чита заедно со повозрасни и етаблирани поети, како претставник на најмладата генерација.

Како дел од процесот, со избраните учесници ќе се одржи и работилница за уредување на поетските текстови. Песните ќе бидат објавени во посебно издание пред почетокот на фестивалот, заедно со творбите на сите досегашни учесници од претходните изданија на „Отскочна даска“, со што се создава континуитет и архивирање на младата поетска продукција.

Заинтересираните кандидати треба да бидат на возраст од 16 до 30 години и да достават кратка биографија, фотографија (портрет) со висока резолуција и две свои песни во Word формат на електронската адреса contact@spf.mk, најдоцна до 25 февруари на полноќ.

Имињата на избраните поети ќе бидат објавени на 5 март на Фејсбук и Инстаграм страниците на фестивалот, по што учесниците ќе бидат контактирани и по електронска пошта.

Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и во својата програма вклучува поетски читања, разговори и настани посветени на современата поезија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни