Во претходната колумна со поглед, насловена „Да се зборува за поп–културата со преполна уста морал“, седев на прозорецот и зборував за неа со глад за раскренати и расчистени поими и со жаргони – ко афти, на врв на јазик, малтене (ако повеќе милувате, небаре), во неглиже. Кујнскиот домен се превртуваше на својот грб кога ме наддрдори едно врапче на својот птичји јазик и својствена перспектива и во сета своја пркос кон тмурноста на опролетената липина гранка кај мене пред зграда, додека јагнињата остинувааме, чув дека ме запраша: Што подразбираме црцорејќи во царството на зборовите и диктатот на брзите автомобили на булеварите на слободата?
Во нашево опркружување постои една анегдота што многумина нагалено би ја нарекле виц, со: “типот шо се развозувал со неговото ауто низ Скопје и девојката што не прозборела но, го придружувала на ова патешествие. Откако ќе нарачал шо му требало во дадениот момент (во кафиќ, бензинска, аптека, шо дае…), на сите им викал (не се дерел, велел, де!): Дај “тоа и тоа“, па да идам да ја ебам! Сите ја виделе девојката, ама никој не видел таа да каже нешто. И на крајот (од причата), кога ја испраќал дома, ѝ рекол: Е, шо ќе те ебам сеа, коа и онака више сите знаат дека сум те ебел!„.
Наравоучение: овој навудум неизживеан лик и фалбаџија што побудува сожалување е навидум наивен процеп во нашата секојдневна смисла за хумор – место, што во уплав од коментар на оториноларингологијата на секојдневието, станува отвор што зјае, притоа лесно оплодувајќи ја возможноста да се протнат и устоличат сексистичките светогледи(на кои ни жените не се имуни), како да се обичен двоглед за посматрање галеби и џонатани, којшто ете на смеа завршил зариен во грлото на нечија патка или гуска. Наместо да бидат именувани без да се сотре нужноста од тоа (со исмевање, со обвинувања за кревање паника! И, “инфицираност со западни вредности“!), се потврдуваат како њутнов закон во бестежинска состојба, во којашто јаболкото паѓа надолу побрзо и од математичката свест, ради невкалкулираната тегоба на пестицидите што ја штитат неговата сјајна лушпа.
Нашето “ново доба“, нагалено “нова ера“, е напумпано со недигестирана омраза со многу имиња и имагинарно незамислива прогрсија на број што обезвреднува од аздис но, и зависничка потреба од краткотрајни спасенија – на модерните луѓе на коишто им се повраќа од зборови (или пак ги лигават во уста ко цуцла без да знаат што тие значат),зборовите де, што ја загрозуваат нивната нормалност или благосостојба. Истовремено би поверувале во сѐ и сешто и би зборувале за сѐ , без да посветат внимание на тоа со време, затоа што “новото доба“ им го овозможува тоа, сега и веднаш, и на тацна што работи на струја по субвенционирана цена во рајот на сончевите краци! Што би рекле на нашиот духовит југ: Чујал, не разбрал! Во “новото доба“, ова еволуира во: Чув со свои очи, видов со свои уши ама, жими господ не сум имал слузокожен контакт со психотропни супстанции и го имам совладано Дон Кихот ко неговиот коњ.
Поентата во оваа прича ја гледам пред сѐ во нејзината публика којашто веќе знае сѐ што треба да знае за девојката. Типов, дури може и горко да ве насмее, затоа што претпоставувате дека ова не е вистинска приказна за “безопасен фраер“ од стар ков, се додека не се појави Латас во популарнокултурен манир на подкаст што е ужасно популарен.
Латас (поим за новинар, татко, сексуален либерал, телевизиски лауреат и коњак Грујовогазје), седеше оклештен и распашан ко русокос шејтан во тоа дувло на подкастите и “гротло пакла“, раскажувајќи со свои повеќе и кусур години, несвесен и невин како мало бебе за патологијата (прво ќутек, после пенетрација), на сопствените незалечени рани сексуални искуства со последици и по други, и ги инфицираше донаторите на внинамие од различни генерации и чувствителност на информации – како со сида од која му се гадело отсекогаш, и дури најде утеха и сочувство во популусот што предупредува дека е загрозена светоста на хуморот и славата на демократијата што во слободно време вежба емпатија.
Не се секирајте, јас сум пејачка и можам да издржам тешки реченици на свој грб ко да се цел тон. Па, иде рефрен: Раната на херојот, што се подметнува како лузна на славните животни подвизи, станува подмукло место на зараза.
Најсвежиот примерок од почвата на нашата популарна култура (сосе макробиолошка анализа), го испорача митрополитот Петар (близок на жезолот), на тежок христијански празник. Можеби ќе се најде некој венко да каже дека отецот не мислел на сите жени, туку само на своите вернички што живеат во посебна саксија во еденската градина, и тој како сака ќе им се обраќа, затоа што тој, всушност и во отсуство на светлина, нив ги култивира со зборовите што излегуваат од негова уста а, доаѓаат од божји уши! Неговата изјава мене ми прозвучи вака: Син ти воскреснува а, ти магистрираш! Не дај боже па, да мастурбираш!
Сменете го ректорот, ви го посрамоти теолошкиот Сѐуниверзитет, на којшто нема тоалетна хартија и сапун, во заедничките нужници на чедата – студенти.
Белешка на авторката:
Поп-културата настанува од секојдневните практики што секогаш се оправдуваат како нужност во дадена ситуација па дури и традиција што се толерира од покорност, таа исто така настанува и како реакција, како бунт или како сведоштво, како бегство од угнетување или пак како премолчен њутнов закон во ф – дур, што не мора секогаш да има логика.
Њутновите закони не можеме да ги менуваме (сега за сега) но, секојдневните практики што се штетни за меѓучовечките односи и животната околина, и тоа како?!
Со закон и со соодветен коментар – како поттурнувачка и разобличувачка критика што би ја прифатиле како потребата од сопствениот имунолошки систем. Со нејзино негување, малигните практики би можеле да бидат разбрани во нови обединувачки мелеми што не му се туѓи на човекот, оти ги разбрал и ги практикува од заедничка нужност и не ги доживува како наметнати или како сол на рана што ја лижат ѓаволи.
А, за неа, поп-културата, најчесто се зборува со папагалски морал или со нагон за удопства на сопствениот палец што мора да биде исцицан или пикнат во нос, само затоа што е мој и ми се може, а не затоа што треба да разберам зошто морам или не морам.
Мислам, таа, поп-културата(од индустријалицијата па, навака), е секаква и скоро сеприсутна и не се сведува само на поп-музика туку и на многу други секојдневни работи што живот значат, меѓу кои и Цезар салатата и вероисповеста.
Зеслен, Georg Seeßlen, вели дека поп-културата е меѓудругото она што некогаш била религијата и ја опишува како една лудачка залиха на поезија, фантазија и удоволување и ненормална залиха на оглупување(слабоумие), угнетување и страв. Ако го погледнете едното без да знаете за другото, се прави огромна грешка, вели тој а, јас додавам: Грешка која ја заглавува популарната критика а, со тоа и културата, во недогледот на својот хранопровод, со што категорично го негира својот излез како голема нужда.