Во руската република Јакутија, откриени се уникатно добро сочувани остатоци од младенче мамут, за кои се проценува дека се стари околу 50.000 години, изјави за новинарите Максим Чепрасов, директор на музејот на мамути.
„Во овој момент можеме да кажеме дека ова е едно од најдобрите откритија на остатоци од мамути некогаш пронајдени во светот“, рече Чепрасов.
Според него, задните и предните делови од остатоците од мамутот биле откриени од локалните жители во јуни годинава во областа Батагајка во регионот на Верхојана.
Во октомври, остатоците од мамутот беа доставени во Јакутск, каде што започна прелиминарното генетско истражување во лабораторијата НЕФУ.
Висината на бебето мамут е 120 сантиметри, должина – помалку од 2 метри, а научниците утврдиле дека се работи за женка на околу една година.