Откриена причината за огромниот пожар во зградата „Вјесник“: Загреб се подготвува за можно уривање

Откриено е дека дефект во противпожарниот систем го предизвикал пожарот во загрепскиот „Вјесник“. Експертите утврдуваат дали зградата ќе се обнови или урне.

Големиот пожар што во понеделник навечер ја зафати загрепската зграда „Вјесник“ предизвика силни реакции низ целиот регион. Иако ситуацијата во вторник наутро е нешто помирна, подрачјето околу Славонската авенија сè уште е под силно полициско и противпожарно обезбедување.

Според првичните информации, пожарот избувнал поради дефект во противпожарниот систем, кој овозможил огнот брзо да се прошири низ внатрешните делови на објектот, јавува ХРТ. Неправилното функционирање на системот за заштита довело до многу побрзо ширење на огнот отколку што би се очекувало во современо обезбедени објекти.

Ќе се обнови или урне зградата?- Одлуката допрва следува

Стручните служби во текот на денот ќе ја вршат проценката на статичката стабилност на објектот, по што ќе се донесе конечна одлука дали зградата може да биде реконструирана или урињето е единствена безбедна опција. Според првичните процени, уривање е поверојатното решение, но стручњаците ќе можат да дадат конечен суд дури кога ќе добијат дозвола да влезат во зградата.

Влезот во моментов е невозможен бидејќи во внатрешноста и натаму се забележуваат мали пламенчиња и жаришта, а конструкцијата е сериозно оштетена и нестабилна.

Пожарникарите ја надгледуваат зградата со дронови

„Ситуацијата е стабилна, ние сме присутни минимално. Во моментов им помагаме на стручњаците по статикa и го надгледуваме објектот со дрон“, изјави за Хина командантот на Јавната противпожарна бригада на Загреб, Синиша Јембрих.

Полицијата и пожарникарите и понатаму го одржуваат безбедносниот периметар, а делови од Славонската авенија и подвозникот под Савска улица остануваат затворени, што предизвика сериозни сообраќајни гужви во утринските часови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни