Истражувачите од Соединетите Американски Држави тестирале различни сорти на чај: зелен, црн, улонг, бел, камилица и ројбос, во типични услови на подготовка со вода којашто содржи познати количини на олово и други метали (хром, бакар, цинк и кадмиум).
Имено, изложеноста на олово може да доведе до хронични здравствени проблеми, односно големите дози предизвикуваат оштетување на мозокот и на бубрезите.
По подготовката на 85 Целзиусови степени, тие процениле колку од металите се апсорбирале во различни временски интервали. Според наодите објавени во списанието ACS Food Science & Technology, подготовката на типична шолја чај може да доведе до отстранување на оловото од водата за пиење за 15 проценти.

Листовите од чајот имаат висока активна површина, што е корисно својство за адсорбентен материјал и ги прави листовите од чајот добри за брзо ослободување на хемикалиите за вкус во вашата вода“, вели Бенџамин Шиндел, којшто бил докторант на Универзитетот Нортвестерн во САД и прв автор на студијата.
Тој, исто така, ја истакна практичноста на процесот имајќи предвид дека чајот е најконзумираниот пијалок во светот со испиени 6,5 милиони тони во 2022 година.

„Со чајот, луѓето не треба да прават ништо дополнително. Само ставете ги листовите во вашата вода и тие природно ги отстрануваат металите“, додаде тој.
Трансформацијата на листовите на чајот ја подобрува нивната способност да се врзуваат со одредени супстанции со тоа што црниот чај е малку поефикасен од другите сорти. Мелењето на листовите, исто така, се чини дека го засилува ефектот.
Времето на подготовка и кесичките, исто така имаат влијание. Ако се подготвува подолго, намалувањето на нивото на олово е поголемо.

„Секој чај што се подготвува подолго или има поголема површина, ефикасно ќе сузбива повеќе тешки метали“, рече Шиндел
„Приварувањето чај подолги периоди или дури и преку ноќ, како ладен чај, од водата ќе ги отстрани најголем дел од металите, или речиси сите метали” додаде тој.
Истражувачите, исто така, забележале дека присуството на кесичка чај е фактор којшто придонесува во процесот.
Целулозните кеси, направени од дрвна маса, беа најефективни во заробувањето на металните јони. „Памучните и најлонските кеси практично не отстрануваат тешки метали од водата“, рече Шиндел.

Најлонските кесички чај се проблематични бидејќи ослободуваат микропластика, но поголемиот дел од кесичките чај коишто се користат денес се направени од природни материјали, како што е целулоза. Тие може да испуштаат микрочестички целулоза, но тоа се само влакна со коишто може да се справи нашето тело.
Овие својства на филтрирање може да се додадат на листата на придобивки поврзани со пиењето чај, како што се подобрено кардиоваскуларно здравје и заштитен ефект од невродегенеративни болести.